Најдобриот светски велеслаломист, 24-годишниот Швајцарец Марко Одермат го освои својот прв олимписки златен медал на патеката „Ис Ривер“ во Јанкинг. Во многу тешки, снежни услови, Одермат успеа да го оправда статусот најголем фаворит пред натпреварувањето, бидејќи најдобро се снајде во тешки услови во првото возење, а потоа во второто успеа да биде доволно брз да ја одбрани предноста што ја имаше од првиот настап пред Словенецот Жан Крањец кој брилјираше и освои сребрен медал.
Крањец беше за 59 стотинки побрз од Одермат во второто возење, но заостана 78 стотинки зад Швајцарецот по првото возење. Третото место му припадна на Французинот Матје Фавре, актуелен светски шампион во велеслалом, кој заостана една секунда и 34 стотинки зад победникот.