Возачот на Мекларен, Ландо Норис, имаше убедливо најдобар резултат на квалификациите за Големата награда на Австрија во Формула 1, а со тоа ја обезбеди својата трета пол-позиција оваа сезона.
Британецот оствари импресивно време, за дури половина секунда побрзо од второпласираниот Шарл Леклер од Ферари, кој успеа да ги раздели двата болиди на Мекларен. На третото место заврши Оскар Пјастри, кој досега има четири пол-позиции – најмногу оваа сезона.
Актуелниот шампион Макс Верстапен од Ред Бул, имаше лоши квалификации и затоа ќе мора да стартува од седмата позиција. Изненадување во овие квалификации направи младиот Бразилец Габриел Бортолето од тимот на Заубер, кој за првпат во својата кариера се најде меѓу најдобрите десет.
Во генералниот пласман Оскар Пјастри е лидер со 198 бода, пред Ландо Норис кој има 176 и Макс Верстаоен со 155 бода. Кај конструкторите Мекларен е лидер со 374 бода, а зад нив е Мерцедес со 199, Ферари – 183 и Ред Бул со 162 бода.
Трката за Големата награда на Австрија е на програмата утре и се вози на патеката Ред Бул Ринг со почеток во 15 часот.

