Марио Хезоња постигна договор со Кливленд Кавалирс, но неговото враќање во НБА е сè уште под знак прашалник поради спор со Реал Мадрид. Хрватскиот репрезентативец наводно се согласил на едногодишен договор вреден 2,8 милиони долари, но Кливленд сè уште официјално не го потврдил неговото доаѓање.
Проблемот е договорот што Хезоња го има со Реал , односно толкувањето на клаузулата за излез од НБА. Мадрид тврди дека на 20 јули, последниот ден од рокот, Хезоња го информирал клубот само дека сака да си замине, но дека не доставил доказ за ангажман во НБА, ниту платил откупна клаузула од околу еден милион долари. Според Марк Штајн таа сума не била платена дури ни по повеќе од седум дена, поради што Реал одбива да го одобри неговото заминување.

