Никита Кучеров од екипата на Тампа Беј го доби признанието за најкорисен играч во Националната хокеарска лига на САД и Канада (НХЛ).
Русинот кој за прв пат се израдува на вредното признание имаше 128 поени во регуларниот дел од сезоната со што успеа да ги надмине Сиднеј Крозби од Питсбург и Конор Мекдејвид од Едмонтон. Крилниот хокејар ја напушти церемонијата и со трофејот за најдобар голгетер – „Арт Рос“, бидејќи сезоната ја заврши доминантно со 41 гол и 87 асистенции со што го изедначи рекордот на Јаромир Јагер.
На свечената церемонија беа доделени признанија во неколку категории. Андреј Василевски (голман) Тампа Беј, потоа Бери Троц, (тренер) Њујорк Ајсландерс, (напаѓач): Рајан О’Рајли од Сент Луис, (дефанзивец): Марк Џордано, Калгари, (дебитант): Елиас Петерсон од Ванкувер. Наградата за менаџер на сезоната заврши во рацете на Дон Свини од екипата на Бостон.