Италијанката Софија Гоџа го освои спустот во рамките на Светскиот куп во алпско скијање за жени пред својата домашна публика во Кортина Д’Ампецо. Истата патека ќе биде домаќин на натпреварите во алпско скијање на Зимските олимписки игри во 2026 година.
Олимписката шампионка од Пјонгчанг 2018 и вицешампионот од Пекинг 2022 Гоџа заврши прва за 1:33,47 минути. Таа го забележа четвртиот успех сезонава, 16-ти во спуст и вкупно 21-ви во кариерата во Светскиот куп. Двократниот светски шампион во спуст од Сент Мориц 2017 и Оре 2019 година Илка Штухец (Словенија) го освои второто место со 13 стотинки заостанување, а Германката Кира Вајдл заврши на третото место со негатива од 36 стотинки.
Четирикратната победничка на Големиот кристален глобус, Микаела Шифрин (САД) го имаше четвртото време во денешниот спуст, завршувајќи 50 стотинки зад Гоџа.
Во генералниот поредок за Светскиот куп лидер е Микаела Шифрин со 1245 бодови, пред Петра Влхова (Словачка) со 796 и Лара Гут-Бехрами со 681 бод. Софија Гоџа води во поредокот за малиот кристален глобус во спуст со 480 бодови, пред Штухец со 272 и Елена Куртони (Италија) со 218 бодови.