Во екот на Светското првенство во атлетика кое се одржува во Будимпешта, ексклузивно во разговор за Спортско радио 90.3 фм, поранешниот долгогодишен селектор на атлетската репрезентација на поранешна Југославија, Дане Корица, се остврна за настапот на популарната српска атлетичарка Ивана Вулета (Шпановиќ), која ги надмина сите рекорди кои тешко дека некој ќе ги достигне во скора иднина.
„Таа е на ниво на Новак Ѓоковиќ. Само пред три дена во Будимпешта повторно стана светски првак. Таа 10 години е на самиот врв на светската атлетика“, вели Корица.

Инаку Дане Корица ни раскажуваше и за поврзаноста со Македонија односно блискоста со нашите луѓе меѓу кои го потенцираше нашиот колега и поранешен негов колега атлетичар, Зоран Михајлов.
„Со Зоки сме пола век другари. Тој имаше клуч од мојата куќа во Белград и секогаш можеше да престојува без посебна најава кај мене дома“, вели Дане, кој сега е веќе во пензионерски води, но и натаму активно работи на многу водечки позиции во атлетиката и воопшто спортот во Белград и Србија, како активен член во повеќе управни одбори и комисии.