Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен е победник на денешната Формула 1 трка за Големата награда на Австралија. Холанѓанецот ја освои 37-та победа во кариерата на патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн.
Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес, а на подиумот се искачи и Фернандо Алонсо од Астон Мартин. Четвртото место му припадна на Ленс Строл од Астон Мартин, Серхио Перез од Ред Бул заврши на петтото место, додека возачот на Мекларен Ландо Норис ја мина целта како шести.
Верстапен ја започна трката од првото место, зад него беа возачите на Мерцедес Џорџ Расел и Луис Хамилтон, а Алонсо стартуваше од четвртото место. Во првиот круг Леклер заврши надвор од патеката, по контактот со Строл, а управата на трката реши да го искористи безбедносното возило, што Перес го искористи и отиде на прво менување гуми. Два круга подоцна, управата на трката реши да издаде црвено знаменце, односно да ја прекине трката, поради штетата предизвикана од Албон, што најмногу му наштети на Расел. Според правилата, во периодот под црвени знамиња, сите возачи можат да менуваат гуми, со што пропадна неговата стратешка предност.
Во 54. круг Кевин Магнусен (Хаас) ја загуби гумата по инцидентот, а на четири круга пред крајот на патеката се појави безбедносно возило. Наскоро директорот на трката одлучува повторно да ги истакне црвените знамиња, а по кратка пауза возачите се враќаат да возат два круга. На новиот старт Верстапен го задржа првото место, Хамилтон остана втор, а зад нив следеа серија инциденти. По контактот со Саинц, Алонсо излета од патеката, се судрија и возачите на Алпин Естебан Окон и Пјер Гасли, додека Логан Сарџент од Вилијамс од трката го изфрли возачот на Алфа Таури, Ник де Вриес, но и самиот излета од патеката.
Трката повторно беше прекината, по што следуваше одлуката да не се брои редоследот по последниот старт, што значеше дека Алонсо ќе стигне до својот 101-ти подиум во кариерата. Одлучено е и Саинц да добие казна од пет секунди за инцидентот со сонародникот, кој остана без бодови. Верстапен води во поредокот со 69 бодови, втор е Перес со 54 бодови, додека трет е Алонсо со 45 бодови. Шампионатот продолжува на 30 април со Големата награда на Азербејџан.