Следната недела, ГН на Саудиска Арабија му ја дава на Макс Верстапен првата можност да ја обезбеди својата прва титула во Формула 1 на една трка пред крајот на сезоната 2021 година.
За тоа да се случи, ѕвездата на Ред Бул ќе треба да освои најмалку 18 бода повеќе од ривалот во битката за титулата, Луис Хамилтон, кој ќе пристигне во Саудиска Арабија по двете последователни победи во Бразил и Катар. Сепак, пред дебитантскиот старт на Формула 1 во Саудиска Арабија, Верстапен откри дека никогаш не сонувал за повеќе од една шампионска титула.
„Во Формула 1 е важно да ја освоиш првата титула. Тоа е врвот и максимумот. Тогаш не е толку важно колку титули ќе освоиш, бидејќи веќе имаш една. Секако дека ќе се обидам да освојам повеќе, но откако ќе се исполни првата цел. Секако, ќе дадам се од себе за да го постигнам тоа“, изјави Верстапен за Би-Би-Си.
Тој потврди и дека нема да го следи примерот на Нико Розберг, кој се повлече од спортот само неколку дена откако ја освои својата прва и единствена титула во 2016 година.
„По првата титула тензијата паѓа. Секако дека ќе ми биде забавно да возам, но можеби постепено ќе почнам да размислувам за работи надвор од Формула 1“, изјави ѕвездата на Ред Бул, Макс Верстапен.

