Актуелниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, ќе стартува од пол-позицијата на трката за Големата награда на Монако, шеста трка од овогодинешниот шампионат.
Возачот на Ред Бул ја освои пол-позицијата во последните моменти од квалификациите, победувајќи го Фернандо Алонсо од Астон Мартин за 84 илјадитинки. На овој начин Холанѓанецот стигна до третата пол-позиција сезонава, а 22-ра во кариерата.
Квалификациите ги одбележа и грешката на тимскиот колега на Верстапен, Серхи Перес, кој го уништи болидот удирајќи во ѕидот во првиот свиок во првиот дел. Од третото место утре ќе стартува Шарл Леклер, од четвртото Окон, додека екс-шампионот Хамилтон ќе почне од шестото стартно место.