Екипата на МЗТ Скопје Аеродром денеска потврди дека за новата сезона ќе има уште две нови засилувања.
Американецот Џабари Хиндс (27 год, 181 см) и Хрватот Марин Морнар (26 год, 205 см), потпишаа едногодишни договори со нашиот шампион. Станува збор за кошаркари со повеќе од солидно европско искуство, од кои се очекува да бидат од голема помош во обидот да се дојде до зацртаните цели, а тоа е одбрана на титулата, враќање на куп-пехарот и борба за врвот од табелата во АБА2-лигата.
Хиндс, кој игра на двете бековски позиции, доаѓа со епитетот најдобар стрелец во Полска со просечна реализација од 21,7 поен по натпревар. Морнар, пак, кој игра на позицијата крилен центар, без разлика што е роден во Загреб, нема настапувано за тим од Хрватска, а првите сериозни кошаркарски чекори ги прави во дресот на Универзитетот Лајола Меримаунт за кој настапува во периодот од 2012 и 2016 година. Европската кариера ја почнува во данскиот прволигаш Хорсенс, а во Скопје доаѓа од австриската екипа Флајерс Велс.