Откако го совладаа европскиот првак Монпелје во првото коло од Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар сега ги очекува домашен натпревар од СЕХА лигата против романската екипа, Стеауа.
Тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо со пофални зборови за играта на романскиот тим и најавува дека никако не треба да се опуштат.
„Не очекува нов меч во СЕХА. Тие имаат добар тим и играат одличен ракомет. Мора да бидеме фокусирани на овој натпревар, да одиграме максимално и да победиме. Победа против Монпелје ни е многу важна, покажавме дека имаме силен тим. Проблем е што немаме многу играчи како минатата година за да правиме одредени ротации и затоа мора да бидеме константни и да не дозволиме да се повтори падот на играта како тоа што беше во подготвителниот период”, изјави тренерот на Вардар Гарсија Парондо.
На прес-конференцијаа одржана пред натпреварот со Стеауа, Тимур Дибиров најпрво се наврати на дуелот со Монпелје.
„Знам дека многу луѓе се изненадени, но јас не сум. Во Вардар остана победничкиот менталитет и без разлика кој е притивник дури и против европски првак на гости ние имаме врежано дека треба да победиме. Се бориме до крај, знаеме што треба да направиме. На мечот против Монпелје покажавме дека нема лесно да се освојуваат бодови против нас и сите ќе мора да играат со 110% за да победат”, истакна Дибиров.
„Првпат во последните неколку сезони играме против романска екипа и не треба да ја потцениме Стеауа во никој случај. Едно е кога гледаш снимки, а друго кога играш. Ние сме малку истрошени по дуелот со Монпелје, а Стеауа е одморена, бидејќи немаше натпревар викендов, ткму поради тоа мораме да бидеме внимателни”, заврши Дибиров.
Натпреварот меѓу Вардар и Стеауа, ќе се одигра утре со почеток во 20:15 часот во СЦ„ Јане Сандански“, а шпанскиот стратег сигурно ќе комбинира со ростерот, па за очекување е да го видиме дебито на алжирскиот голман Калифа Гедбан.