Вардар објави дека ја прекинува соработката со пет фудбалери додека искусниот голман, Филип Гачевски, ќе биде ставен на трансфер листата без обештетување. „Црвено-црниот“ состав го напуштија: Јасмин Мециновиќ, Николче Шаркоски, Александар Ѓурковски, Џибрил Дианеси и Михал Пинтер. Ново име кај освојувачот на Купот е голманот, Илир Зибери, кој доаѓа од екипата на Тетекс.
Author: dino
Фудбалскиот состав на Милан, потврди дека нов тренер ќе биде Масимилијано Алегри. Тој ќе го замени Португалецот, Серџо Консеисао. Трофејниот италијански стартег ги предводеше „росонерите“ во периодот од 2010 до 2014 година кога ја освои и шампионската титула во Серија „А“. Тој треба да остане на стадионот – „Сан Сиро“ во наредните две години. Во договорот ќе има и клаузула за евентуално продолжување на соработката за уште една сезона.
Фудбалскиот состав Реал Мадрид го претстави Тренд Александер-Арнолд како ново летно засилување. Бекот кој дојде од редовите на англискиот шампион, Ливерпул, треба да дејствува во дефанзивната линија во близина на аут-линијата. Трент Александер-Арнолд е првото засилување за „кралевите“ по доаѓањето на Чаби Алонсо на клупата на „Сантијаго Бернабе“.
Експертот за НБА, Крис Брусард, објасни дека кошаркарот, Ентони Едвардс, нема искуство да го води тимот до титула иако Минесота две години по ред е дел од конференциското финале. „Едвардс е сè уште премногу млад и незрел. Тоа не е потценување бидејќи никогаш не постоел играч на 23 години или помлад во историјата на НБА кој го водел тимот до титула без помош на сегашен или иден член на Куќата на славните“ – рече Брусард.„Коби го имаше Шек, Меџик го имаше Карим а Бирд го имаше Арчибалд“ – беа зборовите на Брусард.
Италијанските фудбалски состави, Наполи, Јувентус и Интер, ќе се обидат да дојдат до потписот на Џонатан Дејвид, објавија доцна синоќа неколку медиуми на Апенините. Се чини дека новиот шампион на „Чизмата“ се наоѓа во пол-позиција но, клубот ќе ја почека одлуката на тренерот, Антонио Конте, кој може да има и други барања за пополнување на ростерот. 25-годишниот канадски репрезентативец го напушти францускиот Лил откако му истече договорот.
Претседателот на Јувентус, Џон Елкан, планира да направи голема реконструкција во раководниот дел на клубот а прв на удар е спортскиот директор, Кристијано Џунтоли. Се очекува и Матео Тоњоци да се врати кај „старата дама“ и да ја раководи мрежата на скаути. Поранешниот дефанзивец на клубот од Торино, Џорџо Кјелини, би можел да добие нова улога. Се претпоставува дека Игор Тудор ќе остане на тренерската позиција откако успеа да го однесе тимот во Лигата на шампионите.
Англиските медиуми наведуваат дека луѓето од Ливерпул сакаат да го засилат нападот и затоа размислуваат да обезбедат најмалку уште еден голгетер по доаѓањето на Флоријан Вирц. На нивниот список се Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид, напаѓачот на РБ Лајпциг, Бенџамин Шешко и фудбалерот на Ајнтрахт Франкфурт, Хуго Екитике. Неодамна се појави информација дека „црвените“ се заинтересирани и за играчот на Борнмаут, Милош Керкес.
Првиот човек на фудбалскиот состав Манчестер Сити, Халдун Ал Мубарак, се осврна на лошата сезона во која „граѓаните“ останаа без трофеј како во домашната така и во меѓународната конкуренција. „Требаше да бидеме поагресивни и да ги направиме потребните промени. Не го направивме тоа и целата сезона пропадна“ – изјави Мубарак за официјалната веб-страница на Манчестер Сити. Англискиот тим во текот на летово го чека настап на Светското клупско првенство.
Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, верува дека на трката за Големата награда на Шпанија ќе има вистинска конкуренција во Макс Верстапен со неговиот Ред Бул. „Мислам дека Ред Бул ќе бидат брзи во Барселона. Макс и Ред Бул обично се брзи на такви патеки“ – вели Пјастри. „Мислам дека ќе бидат во конкуренција за првите места. Да видиме дали ќе има и други конкуренти покрај Ред Бул“ – нагласи возачот на Мекларен.
Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, потенцира дека не се гледа како еден од фаворитите за освојување на титулата во тековниот шампионат во Формула 1. „ Само се обидувам да дадам се од мене и да се насладувам во тркањето. Ќе бев многу посреќен ако знаев дека ќе бидеме многу брзи“ – рече Холанѓанецот. „ Досега во сезонава имаше само неколку многу добри моменти бидејќи во одредени трки бевме многу зад конкурентите во однос на брзината“ – рече Верстапен.
