Лучијано Спалети отворено побара засилување во нападот, а Јувентус во јануарскиот преоден рок ќе се обиде да ангажира класичен централен напаѓач. Тренерот на „старата дама“ смета дека на екипата ѝ недостига физички моќен голгетер, способен да ги добива дуелите со противничките дефанзивци и да игра со грб кон голот.
По победата од 4:0 над Венеција, Спалети повторно ја потенцираше потребата од нов напаѓач, потсетувајќи дека таков профил не бил ангажиран во летниот преоден рок.
„Во денешниот фудбал ви треба физички силен напаѓач, кој може да игра со грб кон противничкиот гол, да ја задржи топката под притисок и да ги добива дуелите со централните дефанзивци. Ни треба играч со такви карактеристики“, порача италијанскиот стратег.

