Формула 1 подготвува значајна промена во системот на снабдување со мотори, која би требало да стапи на сила од 2030 година. Според планот, секој производител на погонски единици ќе може да снабдува најмногу две екипи – сопствениот фабрички тим и уште еден клиентски колектив.
Оваа промена особено ќе го погоди Мерцедес, кој во моментов покрај својата фабричка екипа обезбедува мотори и за Мекларен, Вилијамс и Алпин. Доколку предлогот биде усвоен, две од овие три екипи ќе мора да побараат нов снабдувач. Според информациите на „Моторспорт“, Мекларен и Вилијамс се надеваат дека ќе ја задржат соработката со германскиот производител, но засега не е познато кого Мерцедес би сакал да го задржи како партнер.

