Словачката скијачка Петра Влхова триумфираше на слаломот кој денес се одржа на Слјеме, покрај Загреб.
Со ова натпреварување традиционално се отвора новата година во сезоната во алпско скијање. До титулата „Снежна кралица“ Влхова стигна со вкупно време од 1:59.08 што беше за пет стоти делови од секундата подобро од второпласираната Катарина Линсбергер од Австрија. Место на подиумот имаше и за Швајцарката Мишел Гизин која доцнеше 22 стотинки зад победничката. Една од фаворитките, американката Микаела Шифрин на крајот мораше да се задоволи само со четвртото место.
Со овој триумф Петра Влхова ја зголеми предноста во генералниот пласман пред Мишел Гизин и Микаела Шифрин. Светскиот куп во алпско скијање продолжува следниот викенд, а најдобрите алпски скијачки се селат во соседна Австрија, односно Сент Антон каде на програмата се трките во спуст и супервелеслалом.