Кошаркарот на Сакраменто Кингс, Расел Вестбрук, се проби на седмото место на вечната листа на НБА кога станува збор за асистенции. Тој на дуелот со Далас имаше девет успешни додавања за кош, со што стигна до бројката од 10.149 асистенции и го престигна легендарниот, Меџик Џонсон, кој има осум помалку. Вестбрук во победата на Сакраменто учествуваше со 21 поен а имаше и пет освоени топки под обрачите.
Author: dino
Возачот на Дукати во Мото Гран При шампионатот, Фабио Ди Џанантонио, упати критики за долгиот и набиен календар во една натпреварувачка сезона. „Премногу трки. Премногу денови патување, премногу е за телото. 44 трки, премногу е. Нула тренинг. Тренираме многу во јануари а потоа само се обидуваме да останеме во форма во текот на сезоната“ – рече Италијанецот. Уште еден факт ги поткрепува зборовите на Фабио. Имено, по воведувањето на спринтовите во 2023 година видовме зголемување на бројот на повредени возачи.
Поранешниот шеф на Хаас, Гинтер Штајнер, вели дека седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, треба да добие подобар болид во Ферари за наредната сезона. Британецот е најуспешниот возач во историјата но, во 2025 година ја имаше најлошата сезона без подиуми и само една спринтерска победа во Кина. „Верувам дека со добар болид Луис може да ја врати најдобрата форма. Ако работите не се променат во Ферари, тогаш тоа сигурно ќе биде последната сезона на Луис“ – рече Штајнер.
Фудбалерите на Ливерпул со победата против Вулверхемптон се вратија во Топ-4 во Премиер лигата на Англија. Нивниот тренер, Арне Слот, вели дека е задоволен од триумфот. „Среќен сум затоа што во фудбалот е значаен само резултатот. Во сезонава често игравме добро но, не постигнувавме резултати. Има и позитивни работи што треба да се земат в предвид“ – рече Слот и се насочи кон Флоријан Вирц, кој го постигна првиот гол по доаѓањето на „Енфилд“. „Тој ќе продолжи и ќе постигне многу повеќе голови за нас. Мислам дека Флоријан направи многу повеќе со тоа што направи и шанси“ – рече Слот.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, излезе со пофални зборови за фудбалерот, Рајан Черки, кој на вчерашниот меч со Нотингем Форест имаше еден гол и една асистенција и беше најзаслужен за победата од 2-1. „Има моменти кога му викам и моменти кога сакам да го бакнам, па имам мешани чувства за него. Сакам да го оставам да го изрази неверојатниот талент. Треба да играме подобро на бековските позиции за да може да добива повеќе топки“ – рече Шпанецот. „Успехот е вреден и поради квалитетот на противникот. Шон Дајч создаде навистина врвен, врвен тим“ – рече Гвардиола.
Весникот – „Ла Газета дело Спорт“, објави, дека челниците на Милан му понудиле нов договор на голманот, Мајк Мењан, во висина од 7 милиони евра годишно вклучително со бонуси. Доколку Французинот ја прифати понудата, ќе стане најплатениот играч во тимот заедно со напаѓачот, Рафаел Леао. 30-годишниот чувар на мрежата на „росонерите“ има тековна соработка со италијанскиот тим до наредното лето.
Манчестер Јунајтед е подготвен во наредното лето да плати 200 милиони евра за играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Џуд Белингем. 22-годишниот Англичанец ќе добие 6-годишен договор со плата од 15 милиони по сезона но, прашање е дали ќе сака да прифати да си замине од Шпанија. Ќе потсетиме дека Белингем се пресели на Пирините во летото во 2023 година и стана еден од главните фудбалери на „кралевите“. Тој во сезонава настапи на 20 натпревари во сите конкуренции со ефект од пет голови и четири асистенции.
Легендарниот фудбалер, Џејми Карагер, верува дека Ливерпул треба да го засили составот на неколку позиции ако сака да остане конкурентен во трката за шампионскиот пехар во Премиер лигата. „Ливерпул би можел да го земе за пример Манчестер Сити кој во еден трансфер период донесе неколу играчи и излезе од проблемите“ – вели поранешниот дефанзивец. „ Доколку Арне Слот нема уште еден напаѓач и централен дефанзивец до крајот на јануари, неговиот тим ќе се измачува за да влезе меѓу првите четири на табелата“ – потенцираше Карагер.
Корпулентниот напаѓач на Барселона, Роберт Левандовски, се осврна на ситуацијата со неговиот договор со Каталонците кој ќе истече во наредното лето. 37-годишниот фудбалски ветеран не крие дека размислува дури и за заминување од „Камп Ноу“ откако се појавија шпекулации дека за неговиот потпис се заинтересирани екипи од САД и од Саудиска Арабија. „Сè уште имам време да донесам одлука. Во моментов не знам каде сакам да играм. Не знам во која насока сакам да одам“ – рече интернационалецот од Полска.
Кошаркарот на Милвоки, Јанис Антетокумпо, ја излекува повредата и набрзо ќе се врати на теренот. Тој не се појави на осум натпревари поради повреда на десната нога. Според најавите, високиот играч ќе биде во тимот за гостувањето кај Чикаго. Сепак, Гркот мора успешно да ги помине тестовите што ги бара медицинскиот персонал на „Бакс“ за да добие дозвола за игра. Неговиот клуб се наоѓа на 11-то место на Истокот со 12 победи и 19 порази. Милвоки ќе гостува кај Чикаго утре во 02.00 часот.
