Шефот на тимот на Ферари, Фредерик Васер, проговори за наредната сезона во која ќе има нови правила околу моторите на болидите во Формула 1 како и дел технички измени. „Мислам дека ќе биде возбудливо – освен ако, се разбира, некој не почне да доминира. Освен ако не сме ние! Ако сме ние, тогаш сè е во ред! Ќе биде спектакуларно шоу“ – изјави Французинот. Екипите во Ф1 во континуитет работат на новите возила кои ќе имаат драстични промени пред се во погонскиот дел и шасијата.
Author: dino
Екипата на Анадолу Ефес ги демантира гласините дека кошаркарот, Роланд Шмит, ќе ја напушти Турција иако 30-годишниот поентер од Летонија добива се помала минутажа . Тој на четири натпревари од Евролигата, имаше просек од 13,6 минути по натпревар, со просек од 5 поени, 2,3 скока и 1 асистенција. Во меѓувреме се појавија неколку екипи што сакаат да го ангажираат Шмит но, Ефес е категоричен дека играчот нема да се продава.
Бостон продолжува да го крои составот за наредната сезона во НБА лигата. 22-годишниот поентер Ар Џеј Луис (198 см) го изгуби своето место во тимот. Луис не беше драфтуван но потпиша со Јута а неговите права ги стекнаа Селтикси со размена на Жорж Нианг. Бостон сега има опција да потпише двонасочен договор со уште еден играч. Во конкуренција се Рон Харпер, Кендал Браун, Вендел Мур и Џејлен Бриџис кои работат во тренинг-кампот.
22-годишниот кинески кошаркар Зенг Фанбо и 25-годишниот дефанзивец, Малачи Смит, го напуштија составот на Бруклин. Фанбо доби 10 минути во предсезонскиот натпревар на Бруклин во Макао но имаше само една украдена игра и три прекршоци. Смит уште не одиграл ниту еден натпревар во НБА. Неговиот договор беше загарантиран на 42.650 долари, што ќе им помогне на Нетсите со минималниот лимит на плати оваа година.
Легендарниот фудбалер, Пол Сколс, не крие дека е изненаден од одлуката на Манчестер Јунајтед да се раздели со единствениот вистински напаѓач, Расмус Хојлунд. „ Сè беше на неговите рамена, притисокот беше врз него и тој не можеше да се справи. Мораше да влегува и излегува од тимот, каде е здравиот разум во тоа?“ – беа зборовите на Сколс. Хојлунд по заминувањето во Наполи успеа да постигне четири голови на стартот на сезоната или вкупно осум ако се додадат и погодоците за неговата репрезентација.
Италијанските медиуми објавија дека фудбалерот на Јувентус, Фабио Мирети, конечно ја надмина повредата и влезе во процес на тренинзи. Тој беше надвор од стадионите речиси шест месеци откако имаше проблеми со рамото а потоа се соочи и со повреда на мускулот. 22-годишникот се очекува да биде достапен за мечот кај Комо во рамките на Серија А. Мирети претходната сезона ја помина како позајмен во редовите на Џенова.
Голманот, Џордан Пикфорд, ќе го продолжи договорот со фудбалскиот состав Евертон. Тоа треба да се случи пред викенд дуелот со Манчестер Сити кој ќе биде одигран во рамките на Премиер-лигата. Медиумите наведуваат дека искусниот чувар на мрежата се согласил да потпише нов четиригодишен договор. Пикфорд ги брани боите на популарните „карамели“ од 2017 година.
Манчестер Јунајтед може да му го продолжи договорот на Каземиро и за наредната сезона, велат последните информации од фудбалска Англија. Бразилецот има тековна соработка до летото во 2026 година но, „црвените ѓаволи“ размислуваат да го задржат подолго доколку се согласи на значително намалување на платата. Играчот од средниот ред е еден од најплатените во клубот. Тој добива 300.000 фунти неделно.
Ендру Витли ќе добие значајна улога во раководниот дел на тимот на Хјундаи кој се натпреварува во Светското првенство во рели (WRC). Неговиот договор ќе биде валиден до крајот на наредната сезона. Витли ќе работи со техничкиот директор Франсоа-Ксавиер Демесион, менаџерот на тимот Пабло Маркос и главниот инженер , Јан де Жон. Витли има богато искуство во „WRC“. Тој беше дел од „M-Sport“ а потоа се пресели во ФИА.
Тренерот на кошаркарите на Партизан, Жељко Обрадовиќ, очекува тешко гостување кај Реал Мадрид во меч од Евролигата. „Реал Мадрид игра доминантно во транзицијата. Мораме да бидеме перфектни ако сакаме да победиме“ – рече тренерот на „црно-белите“. Мечот ќе биде одигран доцна вечер во Шпанија со почеток во 20.45 часот. Двата тима имаат по две победи и еден пораз во првите три кола.
