Јуниорската репрезентација на Македонија за ракометарки до 19 години со убедлив триумф против Косово (33-16) го заврши настапот во групата Б од ЕХФ шампионатот што се одржува во Скопје. Андреа Седлоска беше најефикасна со осум голови додека Младеновска, Ризоска, и Јанкуловска дадоа по 4-ри. Нашите млади ракометарки на крајот се трети во групата и ќе разигруваат за пласман од 5-то до 8-то место. Денеска е слободен ден на шампионатот а утре не очекува мечот против Финска.
Author: dino
Иднината на напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез, е неизвесна. Клубот нема желба да го продаде Аргентинецот иако тој ги разгледува најдобрите опции за неговата кариера, тврди денеска весникот – „Кориере дело Спорт“. Главна причина за шпекулациите за евентуален трансфер на напаѓачот е лошата финансиска состојба на екипата од Милано. Ќе потсетиме дека „нероаѕурите“ деновиве му го продадоа Ашраф Хакими на Пари Сен Жермен.
Централниот дефанзивец, Рафаел Варан започна да бара дом во Манчестер бидејќи е сигурен дека кариерата ќе ја продолжи на стадионот -„Олд Трафорд“. Според „Manchester Evening News“, трансферот треба да се финализира во наредните денови иако има недоразбирања меѓу „црвените- ѓаволи“ и Реал Мадрид. Наводно, англичаните се подготвени да платат 40 милиони фунти додека шпанскиот гигант бара 60-ет. Договорот на Варан со Реал истекува за една година.
Клубовите од Англија побараа од раководството на Премиер лигата да го промени начинот на користење на ВАР системот по примерот на Европското првенство. Англиските судии, кои беа на Евро 2020, набрзо ќе се сретнат со колегите за да дискутираат за прилагодување на ВАР одлуките. Истражувањето меѓу навивачите во Англија покажа дека повеќето проценуваат дека ВАР ја прави играта неатрактивна со многу прекини. Претседателот на Комисијата за судии на УЕФА, Роберто Росети, исто така, апелираше до раководството на Премиер- лигата да се користи ВАР системот само во случај на очигледни грешки на главните судии.
Ракометниот состав Вардар ќе настапи во новата сезона во Лигата на шампионите откако челниците на „црвено-црните“ најавија дека ќе го уплатат депозитот од еден милион евра кој го побара ЕХФ. Сумата ќе биде уплатена до 27 јули за да се испочитува крајниот рок. Нашиот тим во новата сезона ќе биде во групата А заедно со екипите на: ПИК Сегед, Кил, Алборг, Мешков Брест, Монпелје, Загреб и Елверум. Вардарци од денеска под диригентската палка на новиот тренер, Веселин Вујовиќ, ќе започнат со подготовки за новите предизвици.
Давиде Липи кој му е агент задолжен за трансфери на фудбалерот, Џорџо Киелини, изјави дека набрзо ќе се преговара со Јувентус за продолжување на соработката. Дефанзивецот во текот на летото успеа да се израдува на победничкиот пехар на ЕУРО 2020 и беше беше еден од најзаслужните што Италија ја покори Европа. „Џорџо беше фокусиран на настапите за репрезентацијата. Нема никаков проблем со Јувентус. Договорот беше да се сретнеме во текот на летово. Во моментов нема понуда од друг клуб“ – вели Липи.
Турските медиуми обелоденија дека нашиот фудбалски интернационалец, Езгјан Алиоски, кариерата ќе ја продолжи во Галатасарај. Според наведеното, трансферот ќе биде реализиран во наредните денови. За Алиоски беа заинтересирани уште неколку екипи од различни земји, но, најверојатно македонскиот репрезентативец успеа да најде заеднички јазик со турскиот гигант. Популарниот Џани кој во текот на летото ја заврши соработката со Лидс, за англискиот тим одигра 162 меча со ефект од 22 гола и 16 асистенции.
Европската фудбалска федерација ја казни фудбалската федерација на Македонија со 10.000 евра поради прекршување на корона протоколите за време на континеталниот собир. УЕФА не објави информации зошто е изречена казната туку наведува дека имало „лошо однесување и потенцијално кршење на кодексот“. ФФМ доби рок од 90 дена за да ја плати казната. Нашите фудбалери во дебитантскиот настап забележаа три пораз од Австрија, Украина и Холандија. Мечевите ги одигравме во Букурешт и Амстердам.
ПСЖ нема да конкурира за потписот на Лео Меси. Францускиот тим е убеден дека Аргентинецот ќе остане во Барселона и затоа ќе се откаже од идејата да го донесе на „Паркот на принцовите“. Тоа го потенцира и денешното издание на весникот – „Ле Паризен“, со напомена, дека фудбалерот донел одлука и само е прашање на време кога ќе пристигне потврда за нова двегодишна соработка со Барса. Во исто време, ПСЖ не сака да ги зголемува давачките за плати на фудбалерите.
Фудбалскиот состав Интер потврди дека спогодбено ја прекина соработката со фудбалерот од средниот ред, Жоао Марио. 28-годишниот Португалец пристигна на „Сан Сиро“ во август во 2016 година од Спортинг (Лисабон), но, никогаш не успеа да се етаблира во клубот. Тој во континуитет беше на позајмица во различни екипи. Иако Спортинг најави дека има намера да го ангажира, последните информации тврдат дека фудбалерот ќе направи трансфер во Бенфика.
