Легендарниот кошаркар на Аргентина, Луис Скола, најави дека по Олимпијдата во Токио ќе стави крај на неговата блескава кариера. „Мислам дека нема да играм уште една сезона. Многу работи можат да се случат. Јас сè уште ја држам вратата отворена, но, за секој играч доаѓа време кога треба да се повлече. Конечната одлука ќе ја откријам по завршувањето на Олимписките игри“ – изјави Скола. 41-годишниот ветеран во изминатата сезона во италијанскиот состав Варезе имаше просек од 17,9 поени и 7,0 скокови.
Author: dino
Македонскиот фудбалски репрезентативец и член на Леванте, Енис Барди, имал позитивен тест на Ковид 19 и веднаш е ставен во изолација во репрезентативната база во Скопје. -Енис Барди е без симптоми и се чувствува добро. Ние како лекарски тим постојано ја следиме неговата здравствена состојба. Пред извесно време имал контакт со дел од играчите на Леванте кои исто така имаат позитивен тест на Ковид-19. Останува да се следи состојбата и да веруваме дека ќе помине без промена на клиничката слика, изјави Александар Савески, дел од лекарскиот тим во репрезентацијата. Нашите најдобри фудбалери од денеска влегуваат во тренинг процес пред дебитантскиот настап…
Менаџерот на Челзи, Томас Тухел, го насочил вниманието кон фудбалерот од средниот ред на Бенфика, Џулијан Вајгел. Досега се проценуваше дека приоритет за избор на Челзи ќе биде Дин Рајс од Вест Хем, но, „чеканите“ поставија висока трансферна цена која веднаш ги премисли „сините“ од Лондон. Затоа Тухел подготвил резервна верзија. Тој се фокусираше на Вајгел. Двајцата работеа заедно во Борусија (Дортмунд) и тренерот многу добро ги знае неговите квалитети. 25-годишниот играч за врска се пресели во Бенфика минатото лето од Борусија (Дортмунд). Тој за „лисабонските орли“,одигра 39 натпревари и постигна 1 гол.
Легендата на германскиот фудбал, Јирген Клинсман, изјави дека е подготвен да го преземе кормилото на англискиот состав Тотенхем. „Ако ми се јават од Тотенхем ќе кажам дека сум заинтерсиран. Тотенхем е опција која вреди да се разгледа. Јас никогаш не помислив дека ќе ја тренирам репрезентацијата на Германија или САД. Треба да бидете секогаш отворени за нов предизвик“ – изјави поранешниот тренер на Баерн Минхен. Прославениот напаѓач на „панцирите“ играше за Тотенхем од 1994 до 1995 година.
Францускиот состав Нант ќе игра против Барселона во полуфиналето на фајнал-фор турнирот во Лигата на шампионите, одлучи денешната ждрепка. Тоа значи дека нашиот најдобар ракометар, Кире Лазаров, по сензационалната елиминација на Веспрем во четврт-финалето, сега ќе се сретне со неговиот поранешен тим со кој триумфираше во елитната конкуренција на Европа. Во вториот меч од 1 /2 финалето силите ќе ги одмерат францускиот Пари Сен Жермен и Алборг од Данска. Така наречениот Ф4 турнир ќе биде реализиран во – „Ланксес Арена“ во германскио град Келн од 12 до 13 јуни.
Денеска кај нас ќе бидат одиграни бараж-мечевите за пополнување на првата фудбалска лига за наредната сезона. Екипата на Силекс која неодамна го освои пехарот во Купот, ќе излезе на мегдан со Тиквеш кој беше второпласиран во источната конкуренција во второлигашкото друштво. Средбата ќе биде реализирана од 16.00 часот на Арената во Скопје. Паралелно на тренинг центарот –Петар Милошевски во Скопје, силите ќе ги одмерат Ренова и составот на Охрид кој доби шанса да игра во баражот откако го освои второто место во Западната група кај второлигашите. Доколку нема победник во регуларниот дел, веднаш ќе се изведуваат пенали.
Менаџерите на екипите во Англија го изгласаа Пеп Гвардиола за најдобар во сезоната која штотуку заврши. Признанието по втор пат сосема заслужено заврши во рацете на Шпанецот кој со Манчестер Сити успеа да го освои победничкиот пехар во Премиер-лигата и Купот на Англија и воедно да обезбеди место во големото финале во Лигата на шампионите. Гвардиола кој во 2016 година го презеде кормилото на „граѓаните“, успеа да освои 3 титули во Премиер-лигата, еден пехар во ФА купот, два пехара во Комјунити Шилд и 4 во така наречениот Карабао Куп.
Фудбалерот на Лидс, Патрик Бамфорд, кој ја заврши сезоната во Англија со 17 постигнати голови, влегува во радарот на тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, потенцираат медиумите на Островот. Корпулентниот играч може да ротира на различни позиции во нападот со што се вклопува во филозофијата на германскиот стратег кој најави дека му треба свежа крв пред голот на противникот. Бамфорд кој има тековна соработка со Лидс до 2023 година и има трансферна вредност од 18 милиони фунти, во неколку наврати доби пофалби токуму од страна на тренерот на „црвените“ од Ливерпул.
Фудбалерот, Сергеј Милинковиќ Савиќ , кој имаше блескави партии во дресот на Лацио, може да добие понуда во текот на летото да се пресели во редовите на Реал Мадрид, најави дел од медиумите на Пиринеите што се блиски до „кралскиот клуб“. Според напишаното, Милинковиќ Савиќ би бил одлична замена за Лука Модриќ кој ќе ја има последната сезона во шпанскиот состав. Лацијалите проценуваат дека трансферната вредност на српскиот интернационалец е околу 70 милиони евра. За потписот на Милинковиќ Савиќ, наводно се заинтересирани и англискиот Манчестер Јунајтед и францускиот, ПСЖ.
Францускиот интернационалец во редовите на Баерн Минхен, Кингсли Коман, сака да добие зголемување на платата за да остане во клубот. Одличниот фудбалер кој има договор до 2023 година и добива 8 милиони евра по сезона, сака да има двојно поголеми примања. Според весникот „Билд“, неговиот татко побарал од агентот задолжен за трансфери, Пини Захави, да се обиде да му пронајде нов клуб кој ќе ги прифати неговите барања. Во исто време, Баварците се обидуваат да го убедат Коман да ја продолжи соработката.
