Крилниот фудбалер на Челзи, Рахим Стерлинг, изрази желба да се врати во репрезентацијата на „Гордиот Албион“. „Секако дека сакам да играм за Англија. За мене е радост да ги гледам момците на теренот. Со нетрпение очекувам да се вратам во тимот на Англија“ – изјави Стерлинг, цитиран од Би-Би-Си. 29-годишниот фудбалер последен пат настапи за неговата земја на Мундијалот во Катар во 2022 година. Тој има 82 натпревари за англиската репрезентација на кои постигна 20 голови.
Author: dino
Екипата на Аталанта потврди преку социјалните мрежи дека го купила фудбалерот, Матео Ретеги. Клубот од Бергамо кој го очекува Супер Купот на УЕФА против Реал Мадрид, денеска го објави трансферот на 25-годишниот напаѓач од Џенова. Целата трансферна сума ќе биде 22 милиони евра плус три како бонуси. Италијанскиот репрезентативец во претходната сезона се појави на 29 средби во Серија „А“ на кои постигна 7 голови.
Луѓето од фудбалскиот состав, Вест Хем, започнале интензивни преговори со челниците на Ница околу трансферот на Жан Клер Тодибо. Спортскиот директор на „чеканите“ пристигнал во Франција за да се обиде да издејствува трансфер на 24 годишниот дефанзивец. Англичаните веројатно ќе понудат 40 милиони евра а францускиот состав ќе добие право да инкасира и одредена сума на пари од евентуален нареден трансфер на фудбалерот.
Двајт Хауард призна дека тешко ја напуштил НБА лигата. Центарот последен пат играше во лигата во сезоната 21/22 за Лејкерс. Тој потоа ја продолжи кариерата во Тајван. „Имав ужасна депресија. Знам дека треба да играм во НБА но, не можев да седам мирен “ – изјави кошаркарот. „Дојдов во Тајван и луѓето тука ме инспирираа. Многу сум им благодарен бидејќи ми дадоа можност да продолжам да играм кошарка“ – потенцираше Хауард.
Кошаркарот на САД, Кевин Дурант, се насочи кон полуфиналниот меч со Србија на Олимпијадата во Париз. Средбата ќе биде одиграна утре во вечерниот термин. „Тие добро не познаваат. Значи, прашање е кој повеќе ќе сака да победи. Ние ќе се подготвиме добро“ – изјави репрезентативецот на главниот претендент за златото на Игрите во Франција. Двете селекции се сретнаа во групната фаза на Олимписките Игри. Тогаш победи така наречениот „дрим-тим“ со 110:84.
Домаќинот на ЛОИ во Париз, потврди дека квалитетот на водата во реката Сена е на посакувано ниво и дека денеска ќе бидат одржани тренинзите за пливачкиот маратон. Тие требаше да бидат во текот на вчерашниот ден но, беа одложени бидејќи нормата за загадување на водата не ги исполнуваше условите. Маратонското пливање е закажано за утре и задутре доколку не се појават нови проблеми со водата.
Кошаркарот на Њујорк, Џош Харт, му пожели добредојде на новиот капитен на тимот, Џејлен Брансон. Поентерот на „Никси“ објави фотографија на социјалните мрежи на која го поздравува неговиот соиграч. 27-годишниот Брансон стана 36-от капитен на Њујорк гледано во историјата на клубот.
Боксерката од Ирска, Кели Харингтон, објави дека ќе се повлече од спортот откако успеа да го освои златото во Париз. Таа доцна синоќа ја победи во финалето Јан Венлу од Кина со што ја одбрани олимписката титула од Токио во 2020 година. „Тоа беше последниот успех. Секогаш велев дека ќе се повлечам како шампион и сега е време” – изјави Харингтон која го обезбеди четвртио златен медал за нејзината земја на Игрите во Париз.
Денеска во Нион беа одредени двојките за завршните елиминации за пласман во Лигата на фудбалските шампиони. Хрватскиот Динамо Загреб ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Лудогорец и Карабах а „црвено-белите“ од Белград ќе играат против подобриот од двомечот Јагелонија – Бодо. На другите терени ќе играат:Јанг Бојс – ГалатасарајМидтјиланд/Ференцварош – Слован Братислава/АПОЕЛМалме/ПАОК – Спарта Прага/ФЦСБДинамо Киев/Ренџерс – Салцбург/ТвентеСлавија Прага/Унион СГ – Лил/ФенербахчеПрвите мечеви ќе се реализираат на 20 и 21 август а реваншите ќе бидат седум денови подоцна.
Денеска во просториите на Фудбалската федерација на Македонија беше формиран календарот за Втората фудбалска лига за новата сезона 2024/25. Во првото коло Осогово ќе биде домаќин на Вардар Неготино, Скопје ќе го пречека Вардарски додека Кожув ќе излезе на мегдан со Саса Каменица. Детонит ќе ги одмери силите со Новаци а Брегалница со тимот на Победа. Борец ќе игра дома со Башкими а Арсими ќе ја пречека Беласица. Главниот фаворит за првото место во второлигашкото друшто, Македонија Ѓорче Петров на домашен терен ќе игра дерби со Охрид. Возбудувањата во Втората фудбалска лига ќе започнат в сабота на 17 август.
