Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, ја презеде одговорноста за лошата игра на дербито со Арсенал и посебно за решавачкиот момент кога по неговото недоразбирање со голманот Алисон, „топчиите“ дојдоа до гол за победа. „За голот за 2-1 на Мартинели јас ја преземам целосната одговорност. Тоа беше клучен момент. Требаше да донесам подобра одлука„ – вели Холанѓанецот. Неговиот тим и покрај поразот останува лидер на табелата во Премиер лигата пред Арсенал, Манчестер Сити и Астон Вила.
Author: dino
Фудбалерот, Осман Дембеле, ја санираше повредата и се врати во тренинг процес во составот на ПСЖ, велат последните информации од Франција. Крилниот напаѓач мораше да го „скокне“ мечот со Стразбур одигран во петокот поради мала повреда на бутот на ногата но, денеска тренираше во клупската база. Се претпоставува дека Дембеле ќе може да игра на мечот со Брест закажан за в среда во рамките на Купот на Франција. Тренерот, Луси Енрике, веројатно за тој меч ќе може да го користи и португалскиот бек, Нуно Мендеш.
Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, не крие дека е задоволен од вчерашната победа кај Вулверхемптон во рамките на Премиер –лигата. „Многу важна победа иако на натпреварот може да се гледа од неколку агли. Требаше да водиме со 3:0 или 4:0 но, не ги реализиравме нашите шанси“ – вели Тен Хаг. „Важно е да се однесуваме поодговорно во одредени ситуации бидејќи ние сме искусен тим и должни сме да се носиме со таквите моменти“- потенцираше тренерот на „црвените ѓаволи“.
Фудбалерот, Габриел Жесус, кој игра во екипата на Арсенал, потенцира дека мора да биде уште подобар на теренот. „Блиску сум до постигнување на мојот 100. гол во Премиер лигата. Погодувам и во Лигата на шампионите и во репрезентацијата. Претходно кажав дека не се фокусирам на моите цели и тоа е моја вина“ – вели Бразилецот. 26-годишниот напаѓач во сезонава одигра 23 натпревари со ефект од 8 голови и 5 асистенции.
Седумкратниот светски шампион, Луис Хамилтон, ќе дебитира за Ферари во 2025 година во Австралија, објавија организаторите на трката во Мелбурн. Со години Австралиското ГП беше домаќин на првиот старт на сезоната во Формула 1 но, во последниве сезони таа чест ја има трката за Големата награда на Бахреин. Трката на петтиот континет е вметната како трета во календарот. Точниот датум ќе биде објавен подоцна.
Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Џеси Лингард, кој нема клуб од изминатoто лето, ќе замине во Јужна Кореја. 31-годишниот фудбалер ќе потпише за екипата на Сеул откако двете страни ги договориле условите. Лингард таму треба да остане две години. Тој имаше опции да оди во Саудиска Арабија и Турција. Крилниот напаѓач последен пат играше за Нотингем Форест во сезоната 2022/23 кога на 20 средби постигна 2 гола во сите натпреварувања.
Селекторот на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија, Роберто Манчини, се извини за неспортскиот потег кога замина во соблекувалната пред да заврши пенал-рулетот против Јужна Кореја во осминафиналето на Азиското првенство. „Се извинувам, мислев дека е завршено. Многу сум тажен откако примивме гол во последната минута и загубивме на пенали“ – вели Италијанецот. Неговата селекција беше елиминирана по пенал-серијата со 4-2.
Тренерот на фудбалерите на Јувентус, Масимилијано Алегри, има одредени проблеми во ростерот пред неделното дерби на теренот на Интер во новото коло во Серија „А“. Адриен Рабиот не успеа да ја надмине повредата и нема да игра на стадионот – „Џузепе Меаца. Матијас Де Шиљо е надвор од погон бидејќи се опоравува од повреда на вкрстени лигаменти додека Вестон Мекени мораше да го прескокне последниот тренинг поради повреда добиена на дуелот со Емполи. За разлика од нив, напаѓачот , Федерико Киеза, конечно им се врати на тренинзите и ќе може да игра на гостувањето кај „нероаѕурите“.
Организаторите на шестата рунда од Светскиот шампионат во рели (WRC) кое ќе биде на Сардинија, ја објавија патеката во Алгеро. Градот на северо-запад од островот и Олбија на северо-источниот дел, наизменично се домаќини на големиот тркачки настан. Должината на патеката е 266,48 километри а програмата ќе биде набиена во само два дена. Целта на пократкитe трки е да се намалат хотелските трошоци на тимовите. Таму ќе се испроба новиот формат кој ќе стане стандарден во 2025 година. Релито Сардинија ќе се одржи од 30 мај до 2 јуни.
Директорот на американскиот тим за алпско скијање, Патрик Римпл, вели дека Микела Шифрин полека се оправува од повредата што ја заработи на спустот во Кортина д’Ампецо во Италија. Ѕвездата од САД откако ја загуби контролата на патеката удри во заштитните мрежи но, избегна посериозна повреда. Петкратната освојувачка на Големиот кристален глобус веројатно ќе се врати на собирот во Андора. Таму на 10 и 11 февруари ќе се возат трките во слалом и велеслалом во рамките на Светскиот куп.
