„Во моментов не знам каде ќе играм, мојата иднина во Ливерпул е неизвесна“ – потенцираше изненадувачки Вирџил Ван Дајк на денешната средба со новинарите. Зборовите на капитенот на „црвените“ доаѓаат откако менаџерот, Јирген Клоп, пред неколку денови најави дека ќе си замине од „Енфилд“. Холанѓанецот го облече дресот на Ливерпул во 2018 година и досега има 246 средби со ефект од 21 гол.
Author: dino
Италијанскиот тенисер, Јаник Синер и Русинот, Данил Медведев, ќе се борат за победничкиот пехар на првиот годинашен Грен Слем на терените во Австралија. Италијанецот го елиминираше големиот фаворит Србинот, Новак Ѓоковиќ во четири сета додека третиот тенисер на АТП листата, Медведев, беше подобар од Германецот, Александар Зверев. Финалето на Австралија Опен меѓу Синер и Медведев е закажано в недела во 9:30 часот по наше време.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, сосема неочекувано најави дека ќе ја напушти функцијата на крајот од актуелната сезона. Германецот ја мотивираше својата одлука со изјавата дека повеќе нема енергија да продолжи да го води тимот на „црвените“. 56-годишниот Клоп имаше договор до летото 2026 година, но призна дека одлуката што ја соопшти денеска ја донел уште во ноември минатата година. „Разбирам дека е шок за многу луѓе во моментов но, можам да се обидам да објаснам. Чувствувам дека енергијата ми е при крај. Немам никакви проблем во моментов“ – вели Клоп.
Тенисерот, Новак Ѓоковиќ, не успеа да влезе во финалето на првиот сезонски Грен Слем турнир на терените во Австралија. Србинот денеска загуби од Италијанецот Јаник Синер со 3 спрема 1. „Пред се, сакам да му честитам на Синер за одличниот турнир и сосема заслужено е во финалето бидејќи ме надигра. Јас сум шокиран од моето ниво, ништо не одиграв како што треба“ – изјави првиот светски рекет. „Не сум навикнат на такво чувство, никогаш не сум загубил тука во полуфинале. На овој турнир не бев на моето ниво“ – потенцираше Ѓоковиќ.
Последната победа на германските ракометари над Данска беше пред речиси осум години на 27 јануари во 2016 година. Тогаш Бундестимот победи со 25:23 против Данците на Европското првенство во Полска. Интересно од тој тим денеска во селекцијата на „панцирите“ се само 4 ракометари: Каи Хефнер, Руне Дамке, Јаник Колбахер и Андреас Волф. Последните три натпревари против северниот сосед, Германија ги заврши со порази. Од нив два беа убедливи 23:30 и 21:28 и еден тесен кој беше во главната рунда на ЕП 2018 година, кога средбата заврши со 26:25 за Данска.
Шведска и Франција досега имаат 57 меѓусебни дуели на меѓународната сцена. Билансот е во полза на „викинзите“ кои имаат 33 победи додека „триколорите“ стојат на 20. Четири средби завршиле нерешено. Трите нивни последни пресметки беа во полуфинале на големите натпреварувања. 27 јануари 2023 година: Шведска загуби со 31-26 на Светското првенство кое го играше на домашен терен. 28 јануари 2022 година: Шведска се пласира во финалето на ЕП во Унгарија по победата 34-33 над Франција. 29 јануари 2021 година: На СП во Египет, Шведска победи со 32-26 во полуфиналето.
Италијанските медиуми објавија дека Јувентус планира да го задржи на подолг период младиот фудбалер, Кенан Јилдиз. 18-годишниот Турчин одигра 13 натпревари на кои постигна 3 гола. Неговиот актуелен договор е до 2027 година со плата од 300.000 евра по сезона. Сега „старата дама“ планира да ја зголеми сумата до 1 милион евра годишно. Покрај тоа, клубот сака да го продолжи неговиот договор до 2029 година. Веројатно новата соработка ќе биде официјализирана на крајот на сезоната.
Екипата на Арсенал веројатно ќе успее да го обезбеди потписот на играчот од средниот ред на Реал Сосиедад, Мартин Зубименди. 24-годишниот фудбалер потекнува од школата на тимот од Сан Себастијан и досега има 137 натпревари со ефект од 8 голови и седум асистенции. Зубименди има одиграно четири средби за селекцијата на Шпанија. Неговиот трансфер кај „топчиите“ треба да се случи во текот на летото.
Дефанзивецот на Кристал Палас, Марк Геи, веројатно ќе добие понуда да го облече дресот на Ливерпул, велат информациите од Англија. 23-годишниот фудбалски репрезентативец на „Трите лава“ потекнува од Академијата на Челзи но, не успеа да се наметне на „Стемфорд Бриџ“ и по две сезони поминати како позајмен во Свонси, беше купен од Кристал Палас во 2021 година. Марк за лондончани има 106 натпревари, 5 гола и 2 асистенции.
Три лица загинаа во верижна несреќа на автопатот А-4 кај Санта Круз де Мудела во Шпанија. Жртвите се идентификувани како навивачи на Севилја кои патувале во Мадрид за да го гледаат вечерашното четвртфинале од Купот на Кралот против Атлетико на стадионот Метрополитано. Инцидентот се случил во областа со многу густа магла а билансот од вкупно пет сообраќајки на таа локација е тројца загинати и 18 повредени од кои тројца се во тешка состојба.
