Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, не престанува со критиките кон ФА и Премиер-лигата кои остануваат на првичниот распоред да се игра на секои два дена и тоа во период кој изобилува со празнични денови. „Не е во ред да се игра фудбал на 26-ти и на 28-ми декември. Мислам дека може да се најде решение, не е толку тешко“ – вели германскиот тренер. „Најдобрата и најтешката лига во светот е единствената во која имате право на три измени, на секое друго место има по пет. Тоа не е добро“ – потенцираше менаџерот на „црвените“.
Author: dino
Поранешниот тренер на фудбалерите на Интер, Антонио Конте, кој сега седи на кормилото на англискиот Тотенхем, не крие дека внимателно ги следи настапите на италијанскиот тим со кој имаше успешни сезони. „Среќен сум за континуитетот и играта што ја покажува Интер. Имам само комплименти за нив“ – вели поранешниот тренер на „нероаѕурите“. „Можеби, еден ден ќе се вратам во Италија“ – потенцираше Конте без да прецизира дали тоа ќе биде повторно екипата од Милано.
Нашиот фудбалски репрезентативец, Столе Димитриевски, е прогласен за најдобар голман во Примера Дивизион за есенскиот дел од сезоната по што сосема заслужено обезбеди место и во идеалниот тим. Голманот на Рајо Валјекано е лидер според одбранети директни удари (80 проценти) како и одбранети големи шанси на противниците. Во идеалниот тим гледано во есенскиот дел во Шпанија, сосема реално доминираат играчите на Реал Мадрид.
Србинот, Новак Ѓоковиќ, е избран за најдобар во Европа за годинава која изминува во изборот што традиционално го организира Полската национална агенција (ПАП). Тенисерот по четврти пат го доби признанието. Претходно тоа се случи во 2011, 2015 и 2018 година. Зад Ѓоковиќ заврши фудбалерот на Баерн Минхен Роберт Левандовски (133) и Формула 1 шампионот, Холанѓанецот, Марк Верстапен (125 бодови). Место во првите 10 во изборот добија и Карстен Вархолм, Сифан Хасан, Тадеј Погачар, Јанис Адетокумбо, Марсел Ламонт Џејкобс, Арманд Дуплантис и Тереза Јохауг.
НБА го отвори гласањето за – „Ол стар“ мечот кој ќе биде одигран во Кливленд догодина на 20-ти февруари. Од 25 декември до 22 јануари, фановите на кошарката ќе можат да гласаат за 10 различни играчи кои според нив треба да настапат на така наречениот – „меч на ѕвездите“. 50 проценти за изборот на играчи ќе зависи од гласовите на навивачите додека другата половина ќе зависи од гласовите на кошаркарите и новинарите.
Фудбалерот од средниот ред на Пари Сен-Жермен, Џорџињо Вајналдум, има реална шанса да се врати во Премиер-лигата во редовите на Ливерпул, најавија денеска дел од медиумите. Тој не е задоволен од времето што го поминува на теренот и затоа размислува да го напушти -„Паркот на принцовите“. Црномурестиот фудбалер кој има трансферна вредност од 25 милиони евра, во сезонава има одиграно 22 меча со ефект од три гола и една асистенција.
Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, потенцираше дека негова најголема победа во годинава што одминува е спречувањето да се формира така наречената „Супер-лига“. „Обидот да се создаде затворено натпреварување на кое единствена цел беше да се наполнат банкарските сметки на одреден број на клубови, се закануваше да го разруши европскиот спортски модел и мисијата на УЕФА“ – рече Чеферин. „Во циклусот 2020-2024, приходите од Евро кои изнесуваат 775.5 милиони евра ќе бидат распоредени во фудбалската пирамида“ – додава Чеферин.
Нашиот фудбалски интернационалец, Илија Несторовски, може да го напушти Удинезе во текот на зимскиот траснфер период и да се пресели во редовите на Лече. Италијанските медиуми пренесуваат дека напаѓачот кој во меѓу време ја санираше повредата, има реални шанси да заигра за второлигашот кој се бори за влез во Серија „А“. Нестровски наводно, се наоѓа и на списокот за трансфери на Монца и Парма.
Драган Бајиќ, кој ја има селекторската позиција во нашата кошаркарска репрезентација ќе мора да оди на операција. „Подолг период мојата здравствена состојба не е најдобра. Работев под инјекции а лекарите инсистираа проблемот да се реши со хируршка интервенција. Се надевам дека сѐ ќе мине во најдобар ред и дека брз ќе се вратам на клупата на Игокеа – изјави Бајиќ за – „БХ баскет“. Неговото место на клупата на Игокеа времено ќе го заземе Марко Бараќ.
Македонската фудбалска репрезентација ќе ја заврши годинава на 67 место на ФИФА ранг листата бидејќи во изминатиот период немаше активности. Тоа значи дека со 1367,23 поени го задржавме местото од претходното рангирање. Наредниот предизвик за нашите фудбалери ќе биде мартовскиот бараж со Италија за место на Мундијалот во Катар. На врвот останува Белгија пред Бразил и Франција. Во Топ 10 остануваат Англија, Аргентина, Италија, Шпанија, Португалија, Данска и Холандија.
