Македонскиот фудбалски интернационалец, Енис Барди, имаше одлично враќање на теренот откако ја санираше повреда. Тој ги постигна двата гола на дуелот со Валенсија и му донесе значан бод на неговиот тим . „Многу сум среќен, со бодот собираме самодоверба и добивме ритам. Горд сум на тимот. Ги тренирав пеналите и на крајот ја преземав одговорноста “– изјави Барди кој два пати беше прецизен од белата точка. . „Првиот го дадов на една страна и затоа решив да одам на другата со многу силен удар. Одигравме фантастично и направивме чекор напред како екипа“– изјави Барди.
Author: dino
Македонскиот боксер Јасир Љама денеска ќе го има вториот меч на Светското првенство што се реализира во Белград. Тој во вечерната програма во категоријата до 60 килограми ќе боксува со Абдулмалик Халоков од Узбекистан кој беше слободен во првото коло. Противникот на Љама е младински светски шампион во бантам од 2018 година и освојувач на златниот медал на младинските олимписки игри во Аргентина. Вториот претставник на Македонија на Светското првенство, Арсим Етеми, откако беше слободен во првото коло, првиот дуел ќе го има на 30 октомври против Андреј Киријаков од Молдавија.
Македонската репрезентација во традиционално карате од денеска до недела ќе учествува на 35-от ЕТКФ Европски шампионат во Белград. Боите на македонската ќе ги бранат: Дејан Недев, Емилија Јанчевска, Јадранка Недева и Бојан Богдановиќ во сениорска конкуренција, Антонија Белазелкоска, Иван Пиневски и Максимилијан Глигоров во јуниорска конкуренција. Мила Младеновска во кадетска конкуренција и Камелија Недев, Матеј Мангаровски, Борјан Синадиновски, Марта Димковска и Софија Јарчевска во конкуренција на деца.
Лео Меси се соочува со повреда и веројатно нема да игра на денешното дерби со Лил во 12 коло во Францускиот фудбалски шампионат, потенцираше на вчерашната прес-конференција, тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино. Аргентинскиот стратег вели дека неговиот сонародник тренирал одвоено од екипата бидејќи чувствувал болки во мускулите. ПСЖ во пресрет на новото коло во Лига 1 се наоѓа на чело на табелата со 28 бодови или седум повеќе од второпласираниот Лил.
Легендата на ММА, Диего Санчез, кој заедно со неговиот тренер влезе во конфликт со УФЦ, сега сака да се бори во рингот со Дилан Денис. Тој изјави дека и Денис сака да се бори со него откако се опоравил од повредите. Санчез има ефект од 30-13 во ММА а последен пат загуби кон крајот на 2020 година од Џејк Метјуз и тоа со одлука на судиите.
Манчестер Јунајтед бил на чекор да го ангажира младиот голгетер, Ерлинг Халанд, но, се пропаднало бидејќи неговиот менаџер, Мино Рајола , решил да им се одмазди на „црвените ѓаволи“. „Понудата на Манчестер Јунајтед за Ерлинг беше многу подобра и очекувавме дека ќе заврши таму. Сепак, Мино Рајола нѐ изненади и го донесе кај нас во Борусија Дортмунд“ – потенцираше Ханс-Јоаким Вацке, првиот човек на „милионерите“. Интернационалецот од Норвешка во 2020 година го напушти австрискиот Салцбург и за 20-ет милиони евра се пресели во Бундес-лигата.
Европскиот клупски шампион Челзи не го обновил договорот со дефанзивецот, Андреас Кристенсен. Данскиот репрезентативец е врзан со „сините“ од Лондон до наредното лето и по Нова година ќе може да преговара и со други клубови доколку дотогаш не потпише повторно со „сините“. Преговорите меѓу двете страни се во застој два месеца. Кристенсен во Премиер лигата во тековнава сезона одигра 6 натпревари. Тој дебитираше во Челзи во 2014 година а потоа играше две сезони како позајмен во Борусија (Менхенгладбах). По враќањето во Англија ги освои Лигата на шампионите, Лига Европа, Суперкупот на Европа, ФА Купот и Лига купот во Англија.
Тренерот на фудбалерите на Ливерпул, Јирген Клоп, влегува во плановите на челниците на Барселона кои најверојатно ќе се разделат со Роналд Куман откако тимот влезе во лоша серија и го загуби последното „Ел Класико“. Според медиумите во Шпанија, Барса размислува за ангжман и на Чави иако првична опција беше Томас Тухел кој работи во Челзи. Составот од Каталонија по девет одиграни кола во Ла Лига се наоѓа на деветото место со 15 бодови.
Откако медиумите во Англија најавија дека тренерот, Оле Гунар Солскјер, ќе заработи отказ од Манчестер Јунајтед и дека на негово место ќе дојде Антонио Конте, се огласи легендарниот фудбалер, Гери Невил. „ Не верувам дека Конте е добар за клубот. Тој работи главно неколку години а потоа си заминува. Тоа не му одговара на Манчестер Јунајтед“ – вели поранешниот фудбалер на екипата од „Олд Трафорд“. Ќе потсетиме дека Италијанецот кој го напушти Интер на крајот на претходната сезона, во меѓу време одби понуда да седне на кормилото на Њукасл.
Репрезентативецот на Хрватска, Домагој Дувњак и Швеѓанецот, Никлас Екберг, ги продолжија договорите со екипата на Кил која утре ќе гостува кај Вардар во рамките на новото коло во Лигата на ракометните шампиони. Тие ќе останат во Бундес-тимот до 30 јуни во 2024 година иако постои можност тој термин да биде продолжен. Дувњак потпиша за Кил во 2014 година додека Швеѓанецот го носи дресот од 2012 година. Двајцата беа дел од екипата која ја освои европската круна во сезоната 2019/20.
