Кошаркарот на Кливленд, Џејмс Харден, постигна 18 кошеви на мечот со Торонто и се искачи на 12-то место на вечната листа на поентери во НБА лигата во плеј-оф. Тој сега има 3.963 кошеви со што успеа да го помине во рангирањето, Двејн Вејд. Во топ 5 се Леброн Џејмс (8.336) кој ја има лидерската позиција пред Мајкл Џордан, Карим Абдул-Џабар, Коби Брајант и Шекил Онил.
Author: dino
Претседателот на ПСЖ, Насер Ел-Келаифи изјави дека е горд на напредокот на тимот во Лигата на шампионите. „Тоа е најдобриот турнир во светот а ние стигнавме до оваа фаза трета година по ред. Тоа е натпреварување на многу високо ниво. Сите клубови играат многу добро. Арсенал, Баерн, Атлетико… Ги почитувам сите полуфиналисти“ – рече Ал-Келаифи. Првиот натпревар меѓу ПСЖ и Баерн ќе се одигра во Париз во вторник, 28 април. Во вториот дуел Арсенал ќе игра со Атлетико Мадрид.
Тренерот на кошаркарите на Валенсија, Педро Мартинез, кој беше прогласен за најдобар во Евро-лигата, го коментираше тоа достигнување. „Не го гледам како индивидуална награда. Морам да им се заблагодарам на моите асистенти, на играчите и на клубот“ – рече Мартинез. Валенсија под негово водство одигра одлично во регуларниот дел од сезоната во Евролигата и го освои второто место.
Младиот возач на Хаас, Оливер Берман, призна дека би сакал да добие покана да седне во болидот на Ферари. „Тие многу веруваа во мене – прво со тоа што ме одведоа во нивната младинска академија а потоа со тоа што ми помогнаа да обезбедам место во Хаас“ – рече Берман. „Потоа ми доверија автомобил на Ферари кога Карлос Саинц имаше здравствени проблеми иако имаше други возачи многу поискусни“ – потенцираше Берман.
Менаџерот на фудбалерите на Манчестер Јунајтед, Мајкл Карик, кој беше времено ангажиран, вели дека сака да остане во клубот. „Ми се допаѓа што сум тука. Имавме добри резултати но, сè уште има многу да се направи. Сакаме да се подобриме“ – рече Карик. „Не сакам да размислувам за рокови. Уште не знам до кога ќе останам“ – потенцираше тренерот на „црвените ѓаволи“.
Фудбалерот на Манчестер Сити, Џереми Доку, вели дека може да се наметне како еден од најдобрите странични играчи во светот. „Верувам дека можам да бидам. Крилниот напаѓач мора да постигнува голови. 100 проценти сум сигурен дека можам да успеам.“ – рече Доку. „Треба да се пронајдам во области за лесно да можам да постигнувам голови – од близина и слично. Тоа ќе биде голем чекор напред“ – вели играчот на „граѓаните“.
Капитенот на Интер, Лаутаро Мартинез, ќе го прескокне гостувањето кај Торино во текот на викендот но, ќе биде подготвен за мечот со Парма во Серија „А“ закажан на 3 мај. Тој во краток период се повреди два пати, по што лекарите одлучија превентивно да му дадат повеќе време за целосно опоравување. Медиумите наведуваат дека Аргентинецот може и претходно да се вклучи во тимот доколку за тоа има потреба.
Челниците на Наполи ќе се обидат да го задржат фудбалерот, Леонардо Спинацола, кој ја одработува последната сезона со италијанскиот состав. Доколку преговорите не вродат со плод, левиот бек на 30 јуни ќе стане слободен играч на трансфер-пазарот. Според одредени наводи, за 33-годишниот дефанзивец се заинтересирани Јувентус и Милан.
Челниците на Милан размислуваат за ангажман на корпулетниот напаѓач на Атлетико Мадрид, Александар Шорлот, наведуваат денеска дел од медиумите во Италија. Според нив, „росонерите“ сакаат во текот на летото да го засилат нападот кој во сезонава се покажа како послабиот дел од екипата. Се претпоставува дека шпанскиот состав може да се раздели со 30-годишниот Норвежанец за сума од 25 до 30 милиони евра во зависност од неговите настапи на СП 2026.
Тренерот на фудбалерите на Комо, Цеск Фабрегас, вели дека неговите избраници мора да го заборават поразот од Интер во Купот на Италија и да размислуваат само за наредните мечеви. „Мора да продолжиме да работиме. Секако дека сум разочаран. Исто така, учам многу во однос на комуникацијата по натпреварите“ – рече Фабрегас. „Малите детали се клучни. Ни остануваат уште пет натпревари во првенството и не можеме да си дозволиме да правиме грешки“ – рече тренерот на Комо.
