Џон Оби Микел, поранешниот играч од средниот ред на Челзи, проговори за коментарите на капитенот, Фернандез, дека сака да живее во Шпанија. „Тоа не е лидер. Доколку тимот имаше лидери кои играчите ги почитуваат, тие немаше да даваат такви изјави“ – рече Оби Микел. „Не можете да давате такви изјави особено кога ја носите капитенската лента. Ниту еден играч не е поважен од клубот“ – рече некогашниот фудбалер на лондончани.
Author: dino
Менаџерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, ќе почека до крајот на сезоната пред да донесе одлука дали ќе остане на „Етихад“. Англискиот тим нема да му прави притисок да го одработи до крајот и затоа полека се насочува кон негов заменик. Гвардиола е на чело на Манчестер Сити од 2016 година. Неговиот договор е до летото во 2027 година.
Кошаркарот на Минесота, Ентони Едвардс, не ги ги исполни минималните 65 натпревари и нема да конкурира за индивидуалните награди во НБА лигата. Тој поради проблеми со коленото не се појави на ноќешниот меч со Детроит и остана на 58 средби. Бидејќи до крајот на регуларната сезона има уште шест рунди, четирикратниот учесник во Ол-стар натпреварот, не може да го достигне лимитот за одиграни мечеви.
Кошаркарскиот состав на Мемфис ќе потпише договор од 10 дена со поентерот Дeрик Вајтхед. Играчот кој има само 21 година беше избран од Бруклин како 22-ри на НБА драфтот во 2023 година. Кошаркарот висок 198 сантиметри одигра 22 натпревари со просек од 5,3 поени и 1,5 скока за 12,3 минути. Вајтхед во сезонава настапуваше во развојната лига во универзитетскиот тим од Оклахома.
Денеска беа формирани двојките за полуфиналните мечеви во ракометниот Куп на Македонија во женска конкуренција. Екипата на Ѓорче Петров ќе ги одмери силите со Пелистер додека Чаир ќе излезе на мегдан со екипата на Спартак. Тоа значи дека скопските екипи кои се главните кандидати за пехарот, се разминаа во елиминацискиот дел. Мечевите од полуфиналето ќе бидат реализирани на 18 април во салата „Парк“ во Струмица додека финалето ќе биде ден потоа на истата локација.
Македонската фудбалска репрезентација се спушти за едно место на денешната ранг листа на ФИФА. По поразот од Данска во баражот за Мундијалот и ремито со Република Ирска во пријателски меч, сега сме на 67-та позиција во светското рангирање. Голем скок од шест позиции направи селекцијата на БИХ која сензационално ја елиминираше Италија и си обезбеди место на претстојниот Мундијал во САД, Мексико и Канада. До ротација дојде и на челната позиција откако Франција го запоседна врвот пред Шпанија и Аргентина. Во Топ 10 влегуваат и Англија, Португалија, Бразил, Холандија, Мароко, Белгија и Германија.
Португалскиот крилен напаѓач на Јувентус, Жоао Марио, кој игра како позајмен во редовите на Болоња, верува дека може да се врати во Торино и да има добра перспектива. „Сè уште можам да имам иднина во Јувентус. Тука, тренерите имаат малку попретпазлив менталитет, иако очигледно морам да напаѓам и да се бранам“ – рече Марио. „Во Болоња треба да докажам дека можам да играм во Серија А. Остануваат уште два месеца до крајот на сезоната, ќе видиме што ќе се случи“ – рече Португалецот.
Фудбалерот на Милан, Страхиња Павловиќ, може да си замине од Италија доколку биде платена трансферна сума од 40 милиони евра. Според наводите, Галатасарај може да биде негова дестинација бидејќи сопствениците на турскиот тим повторно контактирале со колегите од Милано. Ќе потсетиме дека екипата од Истанбул се обиде и во претходно лето да дојде до потписот на Павловиќ.
Фудбалерот на Нотингем Форест, Елиот Андерсон, влегува во радарот на Манчестер Јунајтед, велат денешните информации од Англија. Тој има договор до 2029 година, но, веројатно ќе биде продаден во текот на летото. „Црвените ѓаволи“ се во преден план иако не се исклучува можност и Сити и Њукасл да испратат понуда за неговиот потпис. Медиумите најавија дека тимот од „Олд Трафорд„ сака да обезбеди најмалку две засилувања во средниот ред.
Луѓето од Ливерпул може да испратат понуда за фудбалерот на Спортинг, Луис Суарез, најавија дел од медиумите од Пиринеите. Колумбискиот репрезентативец кој има откупна клаузула од 80 милиони евра игра одлична сезона. Тој на 42 меча дојде до 33 гола и 7 асистенции. Анализите велат дека за напаѓачот на португалскиот тим е заинтересиран и составот на Њукасл.
