Првата ѕвезда на кошаркарскиот состав Хјустон, Кевин Дурант, по мечот со Далас се насочи кон игрите на дебитантот во дресот на Маверикс, Купер Флег. „Можете да видите дека конечно почнува да сфаќа работи. Флег правеше акции низ целиот терен. Мислам дека ставањето на позицијата плејмејкер го ограничува.“ – рече Дурант. „Тој може да погодува од поле, може да шутира тројки, може да стигне до обрачот. Ми се допаѓа неговата игра“ – беа дел од зборовите на Дурант упатени за настапот на млaдиот Флег.
Author: dino
Кошаркарскиот состав, Анадолу Ефес, може да се обиде да го ангажира на клупата Пабло Ласо откако преговорите со Јанис Сферопулос не се одвиваат според планираното. Според медиумите во Турција, грчкиот тренер поставил услов да има промени во спортскиот дел но, засега нема најава дека тој ќе биде ангажиран. Од друга страна, Пабло Ласо кој има бројни трофеи освоени со екипата на Реал Мадрид, може изненaдувачки да се пресели во турската кошарка.
Фудбалерите на Интер доцна синоќа го совладаа Комо со 4-0 во меч од Серија „А“, но, нивниот тренер, Кристијан Киву, има забелешки за прикажаното. „Можевме да одиграме многу подобро. Во првото полувреме можеби бевме премногу брзи и потрошивме многу енергија во пресингот“ рече тренерот на „нероаѕурите“. „Можевме многу подобро да го контролираме темпото во тој период. Мораме да бидеме трпеливи со новите фудбалери“ – рече Киву.
Фудбалерот на Арсенал, Виктор Ѓокерес, по поразот кај Астон Вила во меч од Премиер-лигата, изјави дека лидерот на табелата мора да остане фокусиран во битката за титулата. „Тешко е, но учите. Секогаш можете да најдете некои позитивни работи. Секако дека сме разочарани од резултатот“ – рече напаѓачот на „топчиите“. Четата на Артета во наредното коло во елитата на Англија на 14 декември ќе му биде домаќин на Вулверхемптон.
Серхио Рамос, поранешен фудбалер на Реал Мадрид и Пари Сен Жермен, потврди дека нема да го обнови договорот со мексиканскиот тим Монтереј. 39-годишниот дефанзивец кој е двократен европски шампион со Шпанија и четири пати ја освои Лигата на шампионите со „кралевите“, не потврди дека официјално ќе се повлече од стадионите. Рамос потпиша договор со Монтереј во февруари. Тој одигра 27 натпревари постигнувајќи 6 голови.
Објавата на Мохамед Салах на социјалните мрежи дека сака да си замине од Ливерпул, само ја продлабочува лошата ситуација во клубот од „Енфилд“. Медиумите наведуваат дека првите луѓе од спортскиот дел на тимот побарале состанок со сопствениците откако дел од фудбалерите се пожалиле дека не се задоволни со работата на менаџерот, Арне Слот. Сепак, анализите велат дека проблемот е однесувањето на Салах кој најави дека може да си замине во јануари.
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, кој имаше 20 поени, забележа пет скока и пет асистенции во победата против Милвоки, вели дека е среќен што брзо се врати на теренот. „Само сакав да излезам. Тоа го мислев. Моето тело постепено се враќа во форма. Среќен сум што сум здрав и само се обидувам да бидам доследен“ – рече играчот на Филаделфија. Џорџ претходно мораше да пропушти одредени мечеви бидејќи ја лекуваше повредата на коленото.
Лаутаро Мартинез и Хулиан Алварез може да играат заедно во нападот на Аргентина, нагласи некогашниот фудбалски репрезентативец на „гаучосите“, Габриел Батистута, во последното интервју. „Ги сакам двајцата. Тоа е убав проблем за Скалони. Не знам како ќе го направи изборот“ – изјави поранешниот фудбалер на Фиорентина, Рома и Интер. „Веројатно би можеле да играат заедно но, едниот ќе мора да излезе од зоната на комфор“ – потенцираше Батистута.
Фудбалерот на Аталанта, Едерсон, кој има договор до 2027 година, веројатно нема да ја продолжи соработката со италијанскиот елитен состав, наведуваат дел од медиумите повикувајќи се на изјавата на неговиот агент. Ќе потсетиме дека пред една година Манчестер Јунајтед понуди 50 милиони за неговиот потпис но, сумата беше одбиена од екипата од Бергамо. Бразилецот според одредени шпекулации се наоѓа на радарот на неколку екипи од Италија и Шпанија.
Симоне Бера кој е дел од официјалниот снабдувач на гуми на Формула 1, „Пирели“, предвиде дека на трката за Голема награда на Абу Даби ќе има само еден пит-стоп со користење на средни и тврди гуми. „Дополнителен сет тврди гуми за време на трката дава повеќе опции во однос на стратегијата особено ако има безбедносно возило“ – рече Бера. Претставникот на „Пирели“ не исклучува дека ова би можело да се промени и меките гуми би можеле да станат соодветни за трката.
