Нашиот најдобар тенисер на АТП листата, Калин Ивановски, успешно ги започна квалификациите за место на главниот турнир во Јаши во Романија. Тој денеска го совлада Бреендон Вокин од Австралија со 2-0 по сетови идентично 6:2. Челинџерот на Карпатите се игра за награден фонд од 60.000 долари. Калин во последното коло од елиминации ќе се сретне со Романецот, Дан Александро Томески кој денеска го совлада Илја Снитари од Молдавија со 2-0 по сетови 6:4 и 6:2.
Author: dino
7-кратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, по квалификациите во Силверстон потенцираше дека Мекларен го копирал моделот РБ19 на Ред Бул. На тоа реагираше тимскиот шеф на Мекларен, Андреа Стела. „Ништо не сме копирале, тие тврдења се навредливи. Секој тим зема инспирација од работата на другите“ – вели Стела. „Тимовите можат да извлечат вредни информации од фотографиите, па дури и само со гледање на болидите. Но, тоа не значи дека копираме“ – вели Стела.
Новиот тренер на фудбалерите на Челзи, Маурисио Покетини, вели дека Рахим Стерлинг кој во претходното лето пристигна како големо засилување, ќе остане во клубот. „Не е лесно за играч брзо да се адаптира и да игра на исто ниво како во претходните клубови. Тој може да ни помогне во екипата“ – изјави тренерот од Аргентина. Стерлин по доаѓањето кај „сините“ одигра 28 натпревари со ефект од шест голови и три асистенции.
Галатасарај ќе му плати на ПСЖ солидни 12 милиони евра и ќе го купи Мауро Икарди кој изминатата сезона ја помина како позајмен во турскиот шампионат. Аргентинескиот фудбалер одигра одлично за Галата и затоа не изненадува одлуката на челниците на тимот да го задржат со перманентен договор. Напаѓачот ќе остане во екипата од Истанбул во наредните три сезони.
Фудбалерот, Гранит Џака, кој деновиве си замина од Арсенал и потпиша за Баер Леверкузен за 25 милиони евра, вели дека почувствувал дека е време за промени. „Како личност, секогаш ме интересираат нови предизвици. Време е за нешто ново по седум години поминати во северен Лондон. Бундес-лигата не е ново првенство за мене но, клубот е нов“ – вели швајцарскиот репрезентативец. Џака за „топчиите“ одигра 225 натпревари и постигна 17 голови.
Кристијано Џунтоли денеска се прошета во тренинг центарот на Јувентус и тоа во улога на нов спортски директор на „старата дама“. Тој во комуникација со медиумите, наведе дека од дете навивал за Јуве. „Како дете го напуштав Прато и со автобуси патував 8 часови за да го гледам Јувентус. Значи, моето доаѓање е извор на големо задоволство и навистина неверојатно чувство“ – вели Џунтоли. „Времето ќе покаже дали ќе поминеме подобро но, јас сигурно ќе бидам голем работохолик“ – изјави новиот директор на Јувентус.
Фудбалерот, Алваро Мората, не крие дека сака да се врати во Италија и тоа во екипата на Милан иако за неговите услуги е заинтересирана и Рома. 30-годишниот напаѓач повторно сака да игра во Серија „А“ бидејќи во еден период настапуваше за Јувентус. Фудбалерот е подготвен да ја намали платата и за околу 5 милиони евра по сезона да го облече дресот на „росонерите“. Сега останува само на челниците на Атлетико Мадрид и на италијанскиот тим да ја дефинираат трансферната сума.
ЕХФ објави дека 45 проценти од влезниците за Европското првенство догодина во Германија се продадени или околу 200.000. Бројките велат дека во Диселфорд на отворањето ќе присуствуваат повеќе од 50.000 гледачи што ќе претставува и рекорд. Токму таму на 10 јануари Македонија во „Меркур Шпил“ Арената од 18.00 ќе отвори против Франција а веднаш по тој меч домаќинот ќе излезе на мегдан со Швајцарија.
Нашата тенисерка Лина Ѓорческа и нејзината партнерка во игра на двојки, Чагла Бујукакчај влегоа во финалето на турнирот кој се реализира во Лиепаја во Летонија. Тие во текот на денов славеа против Џеси Ани и Елена Малигина со 2-1 по сетови: 6-3, 3-6 и 10-6. Ѓорческа и Бујукакчај сега ќе го чекаат победникот од мечот меѓу Дарја Семенистаја и Даниела Висман од едната страна и Вивиан Хејзен и Валерија Стракова од другата страна.
Нашиот ракометен репрезентативец, Филип Талески, од денеска официјално ќе го носи дресот на португалскиот состав Бенфика. Тој по завршувањето на сезоната се определи да го напушти Вардар и да замине на Пиринеите. Талески претходно играше за екипите на Металург, Рајн-Некар Левен и Балинген. Талески ќе биде третиот играч од нашава земја кој ќе игра во шампионатот на Португалија. Претходно таму беа активни голманите, Борко Ристовски и Никола Митревски.
