Челниците на Барселона побарале од фудбалерот, Серхио Бускетс, што побрзо да одговори дали ќе го продолжи договорот кој му истекува во текот на летото, најавија медиумите во Шпанија. Ветеранот кој добил понуда да заигра во САД, засега не сака да ја продолжи соработката со Каталонците. Според шпекулациите, двете страни допрва треба да седнат на преговарачка маса. Се претпоставува дека Барса сака да го задржи 34-годишниот играч најмалку уште една сезона.
Author: dino
Медиумите во Шпанија наведуваат дека ветеранот, Лука Модриќ, веројатно нема да добие продолжување на договорот кој ќе му истече во текот на летото. Наводно, првиот човек на „кралевите“, Флорентино Перез, има намера да направи голема рекострукција и да се ослободи од Хрватот кој наскоро ќе наполни 38 години. Модриќ кој го облече дресот на Реал Мадрид во 2012 година, успеа да освои пет пехари во Лигата на фудбалските шампиони.
Џејми Карагер кој беше дел од тимот што на малите екрани го коментираше вчерашниот реванш во Лигата на шампионите меѓу Баерн Минхен и ПСЖ, вели дека е задоволен што французите испаднаа. „Искрено, не ми се допаѓа начинот на кој тие се организирани, тоа не е тим, тоа е голем хаос“ – вели легендата на Ливерпул „Во пет од седум сезони, тие беа елиминирани во осминафиналето. Тие не се тим и Килијан Мбапе мора да го напушти клубот“ – рече Карагер кој верува дека Лео Меси веројатно го одиграл последниот дуел во Лигата на шампионите.
Норвешката биатлон ѕвезда, Јоханес Тингнес Бо, го освои Светскиот куп по четврти пат и без да мора да се натпреварува во завршницата од сезоната. Тоа се случи откако неговиот тимски колега, Лаград, се повлече од денешните трки во Естерсунд. 29-годишниот Бо, кој има пет злата од Олимписките игри, сезонава ги освои и малите кристални глобуси во две конкуренции.
Првите луѓе на Арсенал размислуваат да му го продолжат договорот на младиот фудбалер Рис Нелсон, за кого се заинтересирани екипите на Брајтон и Ница, објавија денеска медиумите во Англија. Играчот кој има само 23 години ги одработува последните месеци од договорот кој ќе му истече во текот на летото. Тој иако добива мала минутажа на теренот, успеа на 8 мечеви да постигне 3 гола и да направи 3 асистенции. Нелсон кој потекнува од школата на лондончани претходно настапуваше како позајмен во Хофенхајм (Германија) и Феенорд (Холандија).
Тренерот на фудбалерите на Тотенхем, Антонио Конте, најави дека ќе остане во Англија до крајот на сезоната а потоа ќе размислува за неговата иднина. Популарните „спарси“ вчера беа елиминирани од Милан во Лигата на шампионите откако на домашен терен одиграа без голови. Тој епилог ги однесе италиајнците во наредната фаза бидејќи ја задржаа предноста од 1-0 од првиот меч во Милано. „Мојот договор истекува во јуни, ќе видиме, можеби ќе ме отпушат пред да заврши сезоната“ – искоментира Конте пред новинарите.
Тренерот, Стефано Пиоли, кој успеа со Милан да го елиминира Тотенхем и да влезе во 1 /4 финалето во Лигата на фудбалските шампиони, вели дека „росонерите“ напредуваат во континуитет. „Милан мора да оди чекор по чекор. Значајно беше да ја прескокнеме групната фаза и да се пласираме во 1/4 финалето. Сега ја чекаме ждрепката“ – потенцираше Пиоли по вчерашниот дуел во Англија. „Мислам дека можевме да постигнеме погодок. Покажавме тимски дух“ – вели задоволно тренерот на италијанскиот состав.
Големата ѕвезда во редовите на ПСЖ, Килијан Мбапе, вели дека елиминацијата во Лигата на фудбалските шампиони нема да влијае врз нeговите планови и дека сега ќе се насочи кон освојување на пехарот во домашното првенство. „Загубивме од силен состав. Тука е нашиот максимум во Лигата на шампионите, нема за што да жалиме“ – вели брзоногиот напаѓач на „светците“. „Ова не менува ништо околу мојата иднина. Сакам да го освојам првенството а потоа ќе видиме што ќе се случи“ – потенцираше Мбапе по вчерашниот пораз од Баерн Минхен во осминафиналето во елитата на Европа.
Луѓето од Ред Бул ќе направат интерна истрага дали протекле информации околу болидите откако Астон Мартин го освои третото место на патеката во Бахреин на премиерната трка во новата сезона во Формула 1. Првиот човек на Ред Бул, Хелмут Марко, потсети дека неколку инженери кои го напуштија тимот се преселија токму во Астон Мартин. Станува збор за Ден Фалос поранешен шеф за аеродинамика и Ендрју Алеси, поранешен дизајнер во Ред Бул. Според ФИА пак, успехот на Астон Мартин воопшто не е спорен и нема што да се истражува.
Македонската машка кошаркарска репрезентација по значајниот триумф против Норвешка и обезбедениот пласман во главните кфалификации за Европското првенство во 2025 година, напредуваше на листата на ФИБА. Нашата селекција сега има 204,4 бодови и се проби на 28-то место во зоната на Европа додека на светската листа се наоѓа на 53-та позиција. Последните мечеви во меѓународна конкуренција не донеса големи потреси во Топ 5. Селекцијата на Шпанија останува лидер пред САД, Австралија, Аргентина и Франција.
