Младата тениска надеж на Македонија, Калин Ивановски успешно ја мина првата пречка на јуниорскиот дел од Грен Слем турнирот Вимблдон. Нашиот тенисер денеска во двочасовна битка, со пресврт, успеа да слави над Британецот Лука Пау и да си обезбеди место во втората рунда од натпреварувањето. Ивановски го загуби првиот сет со 6:3, но потоа додаде „гас“ во следните два сета и успеа со 6:4, 6:2 да се избори за конечни 2:1 во сетови и пласман во втората рунда. За ривал го чека победникот од дуелот меѓу Базиле (Бел) и Пачеко (Мек).
Author: saso
Македонската кошаркарска федерација го отвора вратите на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје за натпреварот од квалификациите за Светскиот Куп 2023, против селекцијата на Украина, кој нашите најдобри кошаркари ќе го играат на 4. јули (понеделник) со почеток од 18.часот. Ги покануваме сите искрени љубители на кошарката да дојдат и да го проследат овој натпревар од 6. коло од „Г“ квалификациската група за Светскиот Куп, „во живо“, и да му дадат поддршка на нашиот подмладен состав во обид да ја реализираме првата победа во овој квалификациски циклус.
Рома синоќа и официјално потврди дека потпиша договор со голманот на екипата на Бенфика, Миле Свилар. 22-годишниот Свилар дојде во Рим како слободен фудбалер и потпиша договор со „волчицата“ до 30 јуни 2027 година и го одбра дресот со бројот 99. Десниот бек Алесандро Флоренци ја напушти Рома, откако Милан го купи по истекот на закупот. „Росонерите“ потпишаа договор со него до летото 2025 година.
Селекторот на нашиот нацонален тим, Драган Бајиќ, очекувано, не делуваше како задоволен по убедливиот пораз од светскиот првак Шпанија, синоќа на мечот во Сарагоса. Тој уште еднаш потенцираше дека на овој меч игравме без помошта на неколку важни играчи. „Честитки до шпанскиот состав за победата и благодарност за приемот. Што се однесува до мечот, знаевме дека Шпанија е голем фаворит. Немавме многу време за тренинзи и подготовки, ни недостигаа и четири-пет добри кошаркари. Тоа придонесе да се случи она што се случи. Имаше добри моменти од кои мораме да сме задоволни, имавме и лоши моменти кои треба да ги корегираме…
Македонскиот првак во футсал, Шкупи, новата сезона во Лигата на шампиони ќе ја стартува од главната фаза. Чаирчани како домаќин ќе ги дочекаат квалификациите закажани за октомври годинава. Во конкуренција на 56 екипи од 52 европски земји, Шкупи е рангиран на 21 место, што му донесе привилегија да ја прескокне прелиминарната фаза. Ждрепката за составот на групите е закажана за седми јули во седиштето на УЕФА во Нион.
Тотенхем се надева дека што поскоро ќе го комплетира трансферот на дефанзивецот Клемент Ленгле. Останува да се разјаснат последните детали од преговорите со неговиот сегашен клуб Барселона пред 27-годишниот Французин да се пресели во лондонскиот тим, информираше популарниот спортски новинар Фабрицио Романо. Тотенхем веќе постигна договор со Ленгле за неговите лични услови. Раководството на „мамузите“ засега нема официјална понуда до Џеси Лингард кој се раздели со Манчестер Јунајтед и покрај покажаниот интерес за играчот.
Минатогодишниот финалист на Вимблдон, Италијанецот Матео Беретини на социјалните мрежи објави дека бил позитивен на Ковид-19 и поради тоа е принуден да се откаже од натамошен настап на третиот Грен Слем турнир, Вимблдон. „Срцето ми е скршено. Морам да се повлечам од Вимблдон, бидејќи сум позитивен на Ковид. Имав симптоми на грип, во изолација сум во последните неколку дена. Немам зборови да го опишам екстремното разочарување што го чувствувам. Сонот заврши за оваа година, но ќе се вратам посилен“, напишал Беретини на социјалните мрежи.
Македонската одбојкарска репрезентација во машка конкуренција со два порази го заврши настапот на Медитеранските Игри во Оран. По вчерашниот пораз со 3:0 од Египет, денеска нашите одбојкари со истиот резултат беа поразени и од Италија. Со два порази како третопласирани во групата „А“ го завршуваме настапот на овие МИ. Денеска сцвој настап ќе имаат и дамите, кои исто така претрпеа два порази на стартот. Во последниот меч од групната фаза тие се среќаваат со Грција.
Најдобрите македонски борачи Магомедгаджи Нуров и Владимир Егоров, Олимписките стипендити на МОК, ќе се борат за медал на Медитеранските игри! Владимир Егоров преку репасаж ќе се бори против Абделхак Хербаче од Алжир во 19:20 часот (по македонско време) за бронзен медал на Медитеранските игри. Денес во 20:30 часот, Магомедгаджи Нуров ќе се бори против Фејзула Актурк од Турција во борба за за златниот медал на Медитеранските игри ОРАН 2022, со што Нуров би го одбранил златото од МИ Тарагона 2018.
Раководството на Реал Мадрид го известило агентот на Марко Асенсио дека нема да му понуди нов договор и ќе ја разгледа секоја понуда што ќе ја добие за него. Во моментов интерес за офанзивецот на европскиот првак“ има од два тима – Милан и Ливерпул. „Росонерите“ бараат поддршка за деснокрилната напаѓачка позиција, претпочитајќи да земат играч кој може да игра и како офанзивен плејмејкер. Ливерпул, пак, го гледа Асенсио како одлична алтернатива на Садио Мане кој си замина во Баерн Минхен. Се проценува дека Реал Мадрид ќе бара околу 20 милиони евра за Шпанецот.
