Дефанзивецот Матијас де Лихт и голманот, Барт Вербруген, се вратија во кампот на Холандија откако се опоравија од вирусната инфекција. Тие беа во групата од пет играчи кои мораа да го пропуштат воведниот меч од евро-квалификациите против Франција. Засега нема информации за состојбата на дефанзивецот Свен Ботман, напаѓачот Коди Гакпо и играчот од средниот ред Џои Ферман кој исто така има симптоми слични на грип. Холандија вториот квалификациски меч ќе го одигра в понеделник на домашен терен со Гибралтар.
Author: dino
Медиумите во Англија најавија дека Манчестер Сити ќе му понуди нов договор на фудбалерот Ерлинг Халанд до 2028 година со значително поголема плата и променета клаузула поврзана со евентуалното негово заминување. Норвешкиот голгетер ако ја прифати понудата ќе заработува по 570.000 евра неделно со што ќе стане најплатен играч во Премиер-лигата. Тој сега добива по 452.000 евра колку што имаат Кевин де Бруине и Давид Де Геа.
Нашиот фудбалер, Елиф Елмас, пред утрешниот контролен дуел со Фарски Острови, нагласи дека е секогаш крајно мотивиран на теренот без разлика дали станува збор за официјален или пријателски натпревар. „Сите ние во репрезентацијата секогаш го даваме најдоброто, така ќе биде и утре со Фарски острови. Јас за Македонија секогаш сум максимално мотивиран“ – вели Елмас. „Против Малта беше најважно да тргнеме со три бода и тоа го остваривме. Знаеме дека Фарски острови имаат добра низа на резултати“ – рече играчот на Наполи.
Селекторот на нашите најдобри фудбалери, Благоја Милевски, најави дека на утрешниот пријателски меч со Фарски Острови во Скопје, ќе им даде шанса на тие што имаат помала минутажа. „Фарски острови на последните осум мечеви имаат само еден пораз. Ја победија Турција и сето тоа говори дека денеска нема слаби селекции, нема аутсајдери, дека сите напредуваат и сите следат модерни трендови во фудбалот“ – вели Милевски. „На последниот меч со Молдавија покажаа дека се цврст и агресивен тим, кој игра со многу трчање и кој напредувал на тактичко-технички план. Нѐ чека сериозен противник“ – вели Милевски.
Возачот на Ферари, Карлос Саинц, вели дека доминацијата на Ред Бул на првите две трки во новата сезона во Формула 1 била за очекување. „Нема срам да се копира Ред Бул Мерцедес. Никогаш не сум бил љубител на доминација на само еден тим. Ако добро ја завршиле работата тоа го заслужуваат. Посакувам да бевме на таа позиција“ – вели Саинц. „За жал, знаеме дека болидот главно ја прави разликата иако Ред Бул исто така има многу силна возачка постава. Таква е природата на Ф1 , тоа не е ништо ново“ – рече Саинц.
Белгија успешно ги започна квалификациите за Европското првенство откако со трите гола на Ромелу Лукаку славеше на гостувањето кај Шведска. Напаѓачот на Интер вели дека мечот бил тежок иако неговиот тим релативно лесно успеа да слави со 3-0. „Се чувствувам како еден од лидерите во тимот. На тренинзите се обидував да ги мотивирам младите. Знам како е да дебитирате бидејќи пред неколку години бев во нивна кожа“ – вели Лукаку. Белгија на 28 март ќе одигра пријателски натпревар на теренот на Германија.
Возачот во Мото ГП, Пол Еспаргаро, заработи фрактура на торакалниот пршлен откако падна на вториот тренинг за Големата награда на Португалија. Шпанецот изгуби контрола на моторот во десеттиот свиок а потоа се преврте неколку пати во безбедносната зона пред да удри во ѕидот. Тој потоа со хеликоптер беше пренесен во болницата во Фаро. Таму е утврдено дека има фрактура на торакален пршлен, фрактура на вилицата и набиено белодробно крило. Еспаргаро нема да вози во Португалија а ќе мора да ја пропушти и трката во Аргентина закажана за наредниот викенд.
Селекторот на фудбалерите на Чешка, Јарослав Шилави, вели дека добрата тактика била решавачка за вчерашната победа против Полска на стартот на квалификациите за ЕП 2024. „Не очекувавме да постигнеме два гола во првите три минути. Сакавме да играме така, брзо и да го притиснеме противникот. Верувам дека тоа може да функционира. Ризикувавме со стартниот состав а младите добија искуство“ – изјави Шилави. Неговите избраници наредниот меч ќе го имаат на 27 март против Молдавија додека Полска ќе игра со Албанија.
Фудбалерот на Милан, Брахим Дијаз, по завршувањето на сезоната ќе се врати во матичниот клуб Реал Мадрид бидејќи италијанците немаат опција да му ги откупат правата откако ќе му помине терминот како позајмен играч. Иако се веруваше дека гигантот од Милано може да го купи 23 годишниот Шпанец, медиумите тврдат дека Дијаз на лето ќе мора да се врати кај „белите“. Искусниот фудбалер кој беше ангажиран на позајмица во 2021 година, за „росонерите“ забележа 31 меч. Тој даде пет голови и направи две асистенции.
Робин Ван Перси кој на времето имаше блескави моменти во дресот на Манчестер Јунајтед, вели дека сегашниот напаѓач на „црвените ѓаволи“, Маркус Рашворд, може да биде човек за одлука на големитенатпревари. „Ја покажува најдобрата форма во целата негова кариера. Тој е фокусиран и подготвен да издржи физички. Тоа момче дефинитивно им носи голема радост на навивачите“ – потенцираше Холанѓанецот. Рашфорд во сезонава има 26 мечеви со ефект од 14 голови и 3 асистенции.
