Менаџерот на фудбалерите на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хaг, на крајот на сезоната ќе одлучи дали ќе ги задржи на „Олд Трафорд“ дефанзивецот Виктор Линделоф и играчот од средниот ред Скот Мектоминeј. Познато е дека Швеѓанецот влегува во радарот на Интер и на Атлетико Мадрид додека репрезентативецот на Шкотска е трансферна желба на Њукасл. Линделоф во сезонава има 21 меч додека Мектоминeј има постигнато два гола и направено една асистенција.
Author: dino
Денеска гостин во просториите на Македонскиот олимписки комитет беше Андон Дончевски – легендарен тренер и прв селектор на нашите фудбалери. Тој беше примен од претседателот на МОК, Даниел Димевски и почесниот претседател, д-р Васил Тупурковски. Двајцата му ја врачија на 87-годишниот Дончевски наградата за „Спортски великан на Македонија“ а исто така го прогласија и за член на почесниот комитет на МОК. Дончевски беше предводник на првата генерација која го одигра историскиот меч во Крањ кога ја победивме Словенија 4-1.
Аријан Адеми кој го напушти Динамо Загреб од денеска е нов играч на кинескиот состав Пекинг Гуан. Македонскиот фудбалски интернационалец потпиша договор за три години со кој ќе добие по 1,65 милиони евра на сезона. Елитниот шампионат во Кина ќе стартува во втората половина на април а Адеми ќе го носи дресот со број 45.
Челниците на Арсенал планираат да испратат понуда од 30 милиони евра за да го купат фудбалерот на Реал Мадрид, Брахим Дијаз, кој настапува како позајмен во италијанскиот Милан. Шпанскиот интернациналец пристигна на „Сантијаго Бернабе“ пред 4 години од Манчестер Сити но, не успеа да се наметне за првата постава. Затоа беше испратен на позајмица во Милан. Договорот со „Росонерите“ му истекува на крајот од сезонава.
Манчестер Сити и Баерн Минхен на 11 и 19 април ќе ги одиграат двата меча во фазата на елиминации во Лигата на фудбалските шампиони. Првата средба ќе биде на „Етихад“ додека реваншот ќе се реализира на теренот на Баварците. Фудбалерот од средниот ред на Баерн (Минхен), Леон Горецка, вели дека Манчестер Сити е најтешкиот противник со кој можеле да се соочат. „Тоа е како финале пред финале. Сигурно ќе бидеме подготвени. Халанд? Интересно е како секогаш успева да се постави на вистинското место. Неговата способност за голови е запрепастувачка“ – изјави Горецка.
Првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер, вели дека ќе има тешка задача да пронајде вистинска замена за Макс Верстапен доколку шампионот се определи да ја напушти Формула 1. „Во 2021 година имаше голем притисок но, направи одлични трки. Тој може да одвои се што се случува околу него и да се фокусира на трката“ – вели Хорнер. Холанѓанецот кој има 2 титули во така наречениот „циркус на тркала“, неодамна најави дека по 2028 година може да се повлече од патеките.
Легендарниот фудбалер на Рома, Франческо Тоти, проценува дека Наполи немал сериозен конкурент во трката за титулата во Серија „А“. Составот предводен од Спалети има големи 19 бодови предност во однос на конкурентите и сигурно ќе биде новиот шампион на Италија. „Наполи е добар тим со одличен тренер и тоа е навистина добра комбинација. Мислам дека имаа и среќа бидејќи немаа вистински конкурент“ – изјави „принцот“ на Рим.
Оливие Жиру ќе остане во редовите на Милан до јуни во 2024 година откако прифати да ја продолжи соработката со италијанскиот фудбалски гигант. Искусниот француски напаѓач е стандарден во првата постава и еден од најдобрите на теренот во тековнава сезона. Ветеранот ќе има годишна плата од 3,8 милиони евра и дополнителни бонуси.
Челниците на Ливерпул ќе понудат околу 50 милиони евра за да го купат фудбалерот на РБ Лајпциг, Дани Олмо. Шпанецот бара да добие поголема плата но, германскиот тим не е расположен да му ги исполни барањата. Затоа се претпоставува дека одличниот фудбалер ќе прифати да ја промени средината. За Олмо е заинтересирана и Барселона но, Каталонците имаат големи финансиски проблеми и не може да ги подмират трошоците за евентуален трансфер.
Португалскиот фудбалски стратег Жозе Мурињо нема да ја напушти Рома во текот на летото иако за неговите услуги се заинтересирани францускиот Пари Сен жермен и англискиот состав Њукасл. 60-годишниот тренер одлучил да остане во римскиот клуб барем до летото во 2024 година кога ќе му истече договорот. „Специјалниот“ седна на кормилото на „римската волчица“ во 2021 година и успеа да ја освои Конференциската лига. Неговиот тим во сезонава во Серија „А“ се наоѓа на петото место на табелата и се бори да обезбеди виза за Лигата на шампионите.
