Шпанецот, Хозе Мариа Санчез Мартинез, ќе го води мечот в четврток (18.00) меѓу Ерменија и Македонија кој ќе биде одигран во рамките на претпоследното квалификациско коло за место на Мундијалот во Катар во 2022 година. Тој неодамна ја делеше правдата на последното „Ел Класико“ кога Реал Мадрид ја совлада Барселона на „Камп Ноу“ со 2 спрема1. Судијата со знакот на ФИФА и УЕФА во континуитет е дел од европските мечеви. Досега не и судел на нашата репрезентација. Во ВАР собата ќе бидат судии од Италија.
Author: dino
Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Манчестер Сити, Челзи и Кардиф Сити, од 1 јануари 2022 година ќе добијат дозвола да направат посебен дел за стоење за фановите, објави министерот за спорт на Велика Британија, Најџел Хадлстон. Во септември, британските власти ѝ наложија на Агенцијата за безбедност на спортски терени да спроведе тестови за воведување безбедни трибини за стоење кај одредени екипи. Ќе потсетиме дека сите стадиони во Англија беа целосно направени за седење пред речиси 30 години откако на 15 април во 1989 година, 97 навивачи на Ливерпул ги загубија животите во трагедијата на стадионот „Хилсборо“.
Шпанскиот фудбалски стратег, Пеп Гвардиола, се осврна на ангажманот на Чави на клупата на Барселона. Според него, Каталонците направиле комплетна анализа на работата на легендата на клубот и затоа се определиле да го ангажираат. „Одлуката не е донесена туку-така. Чави го познава клубот и сигурен сум дека ќе донесе нова енергија“ – вели Гвардиола. „Со неговата класа и начинот на работа, сигурно ќе гледаме крајно мотивиран состав“ – вели Гвардиола.
Александар Овечкин го постигна 741-от гол во кариерата и се изедначи со Брет Хал на четвртото место на вечната листа на стрелците во Националната хокеарска лига на Соединетите држави и Канада. 36-годишниот руски репрезентативец до крајот на сезоната во НХЛ има реални шанси да го престигне и Јаромир Јагер . Чешката легенда е на третото место кај стрелците со 766 голови. Рекордот го држи Вејн Грецки со 894 погодоци пред Горди Хови со 801.
Возачот на Алфа Таури во Ф1, Пјер Гасли, кој го освои четвртото место на последното Гран При на Мексико, вели дека тоа за него претставува мала победа. „Беше совршен викенд. Мислам дека не можевме подобро. Направивме одлична работа во квалификациите. Потоа на трката бевме четврти зад Ред Бул и Луис, тоа е како мала победа за нас. Исклучително сум задоволен“ – вели Гасли. „Мислам дека нашето темпо беше добро од првиот до последниот круг. Држев се под контрола и пилотите на Ферари никогаш не успеаја да ме нападнат“ – изјави Гасли.
Бугарскиот – „Спортал.бг“ тврди дека поранешниот селектор на нашите најдобри фудбалери, Игор Ангеловски, може да седне на кормилото на Лудогорец. Популарниот Мрме кој ја напушти нашата селекција по историскиот настап на ЕП, засега е без ангажман. Порталот наведува дека Ангеловски може да добие понуда и од полскиот состав Легија Варшава. Тој претходно се поврзуваше и со хрватскиот состав Хајдук.
Фудбалерот на Барселона, Филипе Кутињо, ги негира шпекулациите дека одбил да влезе во игра на мечот со Селта кога неговиот тим имаше предност од 3-0. Медиумите тврдат дека Бразилецот требало да го замени Ансу Фати. „Новинарите ги измешаа работите. Јас сум голем професионалец“ – потенцираше Кутињо кој се насочи кон доаѓањето на Чави на тренерската позизија. „Чави е легенда на клубот и неговиот кам-бек би можел да и помогне на Барса. Се надевам дека ќе добијам шанса да одиграм 4-5 меча во серија и да го достигнам нивото кое го посакувам“ – вели Кутињо.
Тренерот на фудбалерите на Рома, Жозе Мурињо, планира да купи играчи од Премиер-лигата, најавија дел од медиумите во Италија. Се работи за Рубен Лофтус-Чик кој во екипата на Челзи нема голема минутажа и за играчот на Тотенхем, Хери Винкс. Воедно, Португалецот има план да го позајми младиот, Диого Далот, од Манчестер Јунајтед. Ќе потсетиме дека во текот на летото, Мурињо успеа да го ангажира играчот на Челзи, Тами Абрахам, кој сега е незаменлив дел во „римската волчица“.
Алесандро Такинарди го осуди потегот на фудбалерот на Интер, Хакан Чаканоглу, кој откако постигна гол против Милан го искористи да ги провоцира фановите на „росонерите“. Потегот на Турчинот дека не ги слуша домашните фанови наиде на жестоки реакции бидејќи четири сезони ги бранеше боите токму на Миланезите. „Со тој потег покажа дена нема почит кон поранешниот клуб и навивачите. Не требаше да го направи тоа бидејќи си замина како слободен играч “- изјави Такинарди.
Легендарниот стопер на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд, полека го менува мислењето за тренерот Оле Гунар Солскјер, откако „црвените ѓаволи“ се одалечија од трката за титулата. „Да бидам искрен, ја започнавме сезонава со огромна надеж. Мислевме дека дојде нашето време. Оле го донесовме за да не одведе до точка кога ќе може да се бориме за титулата“ – вели Фердинанд. „Го гледам тимот и се прашувам што правиме тактички, не гледам филозофија и идентитет. Мора да се биде искрен, мислам дека треба да има промена“ – нагласи Фердинанд.
