Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во денешниот спринт на викенд траката во Формула 1 која е лоцирана во Австрија или домот на неговиот тим. Возачите на Мекларен, Оскар Пјастри и Ландо Норис ги освија второто и третото место. Во топ 10 влегоа и Џорџ Расел, Карлос Саинц, Луис Хамилтон, Шарл Леклер, Серхио Перез, Кевин Магнусен и Ленс Строл. Според распоредот, денеска ќе бидат возени и квалификациите за утрешната глана трка на патеката – „Шпилберг“. Во генералното рангирање води Верстапен сега со 227 бодови пред Норис со 156 и Леклер кој има 150.
Author: dino
Шпанскиот тенисер, Карлос Алкараз, кој ќе ја брани титулата на третиот годинашен Грен Слем на терените на – „Вимблдон“ вели дека е максимално подготвен за големиот предизвик. „Дојдов да постигнам резултат како во изминатата година. Посебно е чувството да се вратиш на Вимблдон како бранител на титулата“ – вели третиот играч на АТП листата. „Морам да бидам фокусиран. Се чувствувам како да немам повреда на раката, играм и тренирам нормално“ – потенцираше младиот тенисер пред собирот во Лондон.
Турските медиуми најавуваат дека фудбалерот на Борусија Дортмунд, Себастијан Алер, може да се пресели во Бешикташ. Наводно двете стрaни ги имале првичните разговори откако претходно „милионерите“ се согласиле да се разделат со црномурестиот играч. Алер во последната сезона одигра 19 натпревари и успеа да постигне три гола. Според одредени проценки, неговата вредност на трансфер-пазарот е околу 10 милиони евра.
Ханс Дитер Флик кој летово го презеде кормилото на Барселона, верува дека ќе влијае на играта на младиот фудбалер, Жоао Феликс. Германскиот тренер е убеден дека ќе го извлече максимумот од португалскиот напаѓач кој деновиве е со селекцијата на „европските бразилци“ на Европското првенство. Феликс се наоѓа на платниот список на Атлетико Мадрид но, веројатно и втора сезона ќе игра како позајмен кај Каталонците.
„Sky Sports News“ објави дека навивачите на Англија ќе може да конзумираат пиво со максимална јачина на мечот со Словачка во осминафиналето на Европското првенство. Претходно, полицијата и организаторите имаа одлука дека на натпреварот ќе се служи пиво со помалку алкохол но, сега тоа е променето. Ќе потсетиме дека на мечот Англија-Србија кој беше со визок ризик, се продаваше само безалкохолно пиво на што бурно реагираа фановите од Островот.
Екипата на Сент Паули која во наредната сезона ќе игра во Бундес-лигата, го ангажираше на кормилото, Александар Блесин. Тој потпиша договор за три сезони. 51- годишниот стратег ќе го наследи Фабијан Харцелер, кој се пресели во Англија во составот на Брајтон. Блесин доаѓа од белгискиот тим , Ројал Унион, кој ќе добие обештетување од еден милион евра поради предвременото раскинување на договорот.Германскиот стратег во наредната сезона ќе има главна задача да го обезбеди опстанокот. Блесин има работено во Штутгарт , Остенде (Белгија) и Џенова (Италија).
Антонио Конте ја имаше првата средба со новинарите откако го презеде кормилото на Наполи. Тој ги откри плановите за годините што доаѓаат. „Целта на еден тренер е да ги натера навивачите на тимот да бидат горди. Мораме да го обновиме составот. Ќе ни треба време и трпение“ – вели Конте. Италијанецот претходно работеше во татковината во екипите на Интер и Јувентус а еден период беше и во англискиот Тотенхем.
Фудбалерите на Португалија во фазата на елиминации на Европското првенство ќе излезат на мегдан со Словенија. Мечот е закажан за 1 јули во вечерниот термин. Нивниот селектор, Роберто Мартинез, вели дека нема слаби противници. „Никој не може да очекува лесна победа. Имавме пријателски натпревар со Словенија но, сега се ќе биде поразлично“ – вели Мартинез. „Тоа е репрезентација која игра повеќе како клуб, многу дефанзивни, двајца големи напаѓачи, треба добро да се подготвиме“ – изјави селекторот на Португалија за сајтот на УЕФА.
Фудбалерот на Грузија, Микаутадѕе, изненадувачки е најдобриот голгетер по групната фаза на Европското првенство во Германија. Тој на три средби успеа да постигне три гола и да направи една асистенција што му донесе најдобар коефициент во рангирањето. Неговата селекција во деби настапот на континеталните собири направи вистински подвиг и влезе во фазата на елиминации. 23- годишниот фудбалер на францускиот Мец, успеа да погоди на средбите со Турција, Чешка и Португалија.
Натпреварот меѓу Турција и Чешка постави нов рекорд по бројот на покажани картони на еден меч на евро-шампионат. Судијата Иштван Ковач, имаше полни раце работа и по завршувањето на дуелот кога фудбалерите направија голема мешаница па дел од нив влегоа во неговиот бележник. Тој на крајот запиша вкупно 18 картони од кои 16 жолти и два црвени. Исклучени беа Чесите, Антонин Барак во првото полувреме и Томаш Хори откако заврши мечот поради агресивно однесување кон противничките фудбалери.
