Интер ќе почека со евентуалниот трансфер на фудбалерот, Паоло Дибала, бидејќи Ромелу Лукаку се враќа во Милано. Претставниците на италијанскиот тим набрзо ќе имаат нова средба со агентот на Аргентинецот и ќе му понудат помала плата, бонуси и провизии. Паралелно се појави и веста дека Милан ја следи целата ситуација и дека може да направи обид да го ангажира Дибала кој во текот на летово го заврши договорот со Јувентус.
Author: dino
Возачот на Хаас, Никита Мазепин, кој доби отказ пред почетокот на сезоната го тужеше американскиот тим во Формула 1 за неисплатени средства. Русинот беше избркан од тимот по стартот на инвазијата на неговата земја кон Украина. Со него замина и главниот спонзор на тимот – компанијата на неговиот татко. Мазепин сега на суд бара неисплатени плати и го опиша однесувањето на шефовите на Хаас како „криминално“.
Поранешниот шеф на Формула 1, Берни Еклстон, за швајцарскиот весник – „Блик“ прогнозира дека Ферари нема да може да се бори за титулата и покрај одличниот почеток на сезоната на Шарл Леклер. „Како многу луѓе, се надевав дека Ферари ќе ја освои светската титула по пауза од 14 години. За жал, сега е јасно дека Ферари нема да добие ништо“, изјави Берни. Скудерија последен пат ја освои титулата о 2007 година со Кими Раиконен и во 2008 година кај конструкторите.
ЕХФ потврди дека Вардар нема да игра во новата сезона во Лигата на ракометните шампиони. Бидејќи „црвено-црните“ не го искористија рокот од две години за да ги подмират заостанатите долгови, европската ракометна унија ги исклучи од листата за наредната евро-сезона. ЕХФ допрва ќе одлучи кој ќе го пополни местото на двократниот европски шампион.
Фудбалерот, Садио Мане, кој денеска треба да го парафира договорот со Баерн Минхен, вели дека бил крајно изненаден кога неговиот агент задолжен за трансфери му соопштил дека Баварците сакаат да го купат. „Бев запрепастен. Баерн е голем клуб кој секогаш атакува на трофеи“ – изјави Сенегалецот кој ќе има годишна плата од 18 милиони евра . Ќе потсетиме дека Ливерпул за неговиот трансфер инкасираше 32 милиони евра а сумата може да се зголеми за дополнителни девет доколку се остварат одредени бонуси.
Фудбалерот на Ливерпул, Минамино, летово ќе се пресели во францускиот состав Монако. Тимот од Кнежевството ќе им плати на „црвените“ 15 милиони евра а сумата може да се зголеми до вкупни 18-ет гледано преку бонуси. Јапонецот кој во 2020 година беше купен од австрискиот Салцбург, одигра 55 средби за Ливерпул и постигна 14 голови .Тој во еден период играше како позајмен за Саутемптон.
Фудбалерот, Себастијан Алер, е новото име во редовите на Борусија Дортмунд. Тој доаѓа од холандскиот Ајакс за 35 милиони евра. „Милионерите“ од претходно ги договорија личните услови со одличниот напаѓач кој деновиве треба да ги помине задолжителните лекарски прегледи. Алер во претходната сезона за „копјаниците“ одигра 42 меча на кои реализираше 34 голови.
Искусниот дански стратег, Ларс Валтер, ќе седи на клупата на ракометниот состав Еурофарм Пелистер. 56-годишниот тренер испрати порака преку социјалните мрежи. – Уште еден нов предизвик. Едвај чекам да се сретнам со неверојатните навивачи, играчите и стручниот штаб. Се гледаме сите во Битола“, напиша данскиот тренер. Валтер последниот ангажман го имаше во полскиот состав Пулави. Претходно работел во Флензбург, Порто, Кадетен Шафхаузен, Висла Плок, Баја Маре, Горење и во неколку екипи во неговата татковина. .
Фудбалерот на Интер, Шкрињар, останува примарна цел на челниците на ПСЖ кои испратиле втора понуда вредна 60 милиони евра. Во истата се вклучени и одредени бонуси. Претходно италијaнскиот тим одби да го продаде репрезентативецот на Словачка за 50-ет милиони евра. Тој во претходната сезона се појави на 48 средби во сите конкуренции и постигна 4 голови. Интер за неговиот потпис бара од 70 до 80 милиони.
Медиумите во Англија наведуваат дека Ливерпул размислува времено да го врати Вајналдум кој во претходното лето си замина како слободен фудбалер. Бидејќи Холанѓанецот не се наметна во ПСЖ а „црвените“ кубурат со играчи на неговата позиција имаат намера да му понудат времен ангжман. Целата идеја се сведува на тоа да се покрие терминот до наредното лето кога треба да биде купен Џуд Белингам од Борусија Дортмунд.
