Фудбалскиот состав на Арсенал времено се ослободи од Лукас Тореира кој го напушти Лондон и замина во Фиорентина. Тој деновиве треба да биде промовиран како засилување за екипата од Фиренца. Уругваецот кој има играно за Пескара и Сампдорија, сега се враќа како позајмен играч во Серија „А“ со опција „виолетовите“ да го откупат неговиот договор за 16 милиони евра. Тореира со неговото искуство, треба биде одлично засилување во средниот ред за италијанскиот тим.
Author: dino
Премиер-лигашите нема да им дозволат на околу 60 фудбалери да настапат во септемврските квалификации за СП. Тоа се репрезентативци на земјите кои се ставени на црвената листа на Велика Британија поради состојбата со коронавирусот. Тие пак, што ќе се вратат на островот, ќе мора да поминат десет дена во карантин. Според проценката станува збор за играчи од 19 клубови што ќе биде голем удар за многу репрезентации кои се во трката за место на Мундијалот во Катар.
Шпанските медиуми тврдат дека фудбалерот, Самуел Умтити, нема намера да си замине од редовите на Барселона бидејќи ги одбил сите понуди во текот на летово. Дефанзивецот има богат финансиски договор до 2023 година и затоа сака по секоја цена да остане на стадионот – „Камп Ноу“ иако не влегува во плановите на тренерот, Роналд Куман. Ќе потсетиме дека за потписот на црномуретсиот фудбалер беа заинтерсирани: Лион, Монако и Рома.
Клубовите во Топ 5 лигите на светов останале „пократки“ за 2,5 милијарди евра поради пандемијата со корона-вирусот, покажа истражувањето на ревизорската куќа – „КПМГ“. Тука се пресметани приходите што клубовите вообичаено ги имаа од продажба на билети, реквизити, угостителски услуги како и дел од спонзорските договори. Клубовите само за сезоната 2019/20 која беше прекината минатата година во март, загубиле половина милијарда евра.
Фудбалерот, Џердан Шаќири, денеска е промовиран како најново засилување за францускиот состав Олимпик Лион. Тој беше купен од Ливерпул за вкупно 11 милиони евра кои ќе бидат платени во две рати. Договорот на играчот е до летото во 2024 година. Шакири кој помина три години на „Енфилд“, одигра 63 натпревари со ефект од 8 голови и 9 асистенции. Тој со „црвените“ ја освои титулата во Англија, Лигата на шампионите, Европскиот Супер-куп и Светското клупско првенство. Шаќири има играно за Базел, Баерн Минхен, Интер и Стоук Сити. 29-годишниот фудбалер има 96 настапи и 26 голови за репрезентацијата на Швајцарија.
Тренерот на фудбалерите на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, не крие дека е задоволен од минималната победа во второто коло во Ла Лига против екипата на Елче. Неговите избраници на домашен терен славеа минимално со 1:0 иако имаа изобилство на шанси, но, не ги искористија. „Мислам дека немаше свежина кај моите фудбалери. Имавме многу обврски во летниот период. Сакаме да ангажираме уште еден играч во нападот“’ – потенцираше популарниот „Чоло“.
Левиот бек на Манчестер Јунајтед, Брендан Вилијамс, ќе биде на позајмица во Норвич до крајот на сезоната. „Канаринците“ ја добија трката со Њукасл и Саутемптон, кои исто така беа заинтересирани за младинскиот репрезентативец на Англија. „Првпат играм за друг клуб, но навистина сум возбуден. Мислам дека менаџерот ќе ми помогне да се развивам . Имам чувство дека ќе биде добра година” – рече Вилијамс.
Менаџерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, не знае дали до 31 август ќе обезбеди нов напаѓач кој треба да ја пополни дупката по заминувањето на Серхио Агуеро. „Можеби ќе купиме некого, можеби нема. Ситуацијата сега не се менува. Имаме уште десет дена до крајот на преодниот рок“ – вели Гвардиола. „Работам со тоа што го имам. Нашата главна задача е да бидеме уште подобри во трката за титулата“ – потенцираше шпанскиот стратег на клупата на „граѓаните“.
Фудбалерот на Челзи, Ромелу Лукаку, кој беше стрелец на првиот гол на викенд- дербито со Арсенал, вели дека сака да се радува на трофеи. „Секогаш сакам да придонесам за тимот, да победувам и да ги користам шансите. Затоа напорно работам и продолжувам да го правам тоа“ – вели црномурестиот напаѓач. „Премиер лигата е исклучително конкурентна, ќе треба да растеме како тим“ – вели повратникот во редовите на „сините“ од Лондон.
Италијанскиот фудбалски гигант, Милан, го промовираше Алесандро Флоренци како ново летно засилување непосредно пред стартот на новата сезона во Серија „А“. Десниот бек кој се наоѓа на платниот список на Рома, ќе игра една сезона на позајмица кај „росонерите“ кои ќе имаат можност да го откупат неговиот договор во наредното лето доколку бидат задоволни од неговите партии. Флоренци во претходната сезона беше позајмен во редовите на францускиот ПСЖ а претходно играше и за шпанската Валенсија.
