Тренерот на фудбалерите на Арсенал, Микел Артета, изјави дека младиот, Мартин Одегард, сосема заслужено се избори за перманентен договор со „топчиите“ бидејќи имаше блескави партии во претходната сезона. Норвежанецот кој играше како позајмен од Реал Мадрид, деновиве беше промовиран како летно засилување за англискиот состав. „Видовте како влијаеше на нашата тимска игра. Тој е млад а неговиот потенцијал е навистина огромен“ – изјави Артета.
Author: dino
Нашата фудбалска легенда, Горан Пандев, денеска од 18 часот со неговата Џенова ќе го има првиот натпревар во новата сезона во Серија А . Популаниот „Гоче“ ќе гостува кај бранителот на титулата, екипата на Интер која во текот на летото остана без двајца значајни фубалери, Лукаку и Хакими. Ќе потсетиме дека во најсилниот фудбалски шампионат на „Чизмата“, нашава земја ќе има уште двајца претставници, тоа се: Илија Несторовски кој игра за Удинезе и Елиф Елмас кој го носи дресот на Наполи.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска против белорускиот првак, Мешков Брест, ќе го одиграат првиот меч од четврт-финалето во регионалната СЕХА конкуренција. Тренерот на домаќините, Жељко Бабиќ, пред мечот со неговот поранешен состав, изјави, дека Мешков мора максимално да се респектира бидејќи во последниве години покажува одлични резултати. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала – „Боро Чурлевски“ со почеток од 20:15 часот а домаќинот ќе ја има поддршката од трибините согласно протоколите за заштита од Ковид-19.
Жељко Бабиќ, кој седи на кормилото на Еурофарм Пелистер в пресрет на саботниот меч со Мешков Брест во елиминацискиот дел во ракометната СЕХА лига, вели дека неговиот некогашен состав мора максимално да се респектира. „Мешков Брест во изминатата сезона беше четвртфиналист во Лигата на шампионите. Во последно време победува на големи европски натпревари и веројатно е најсилниот противник кој дошол во последниов период во Битола“ – потенцира Бабиќ. „Не чека голем предизвик, голема радост за сите нас. Подготвени сме и желни да се натпреваруваме и верувам дека можеме до добар резултат“ – вели тренерот на Еурофарм Пелистер.
Нашата женска кошаркарска репрезентација ќе игра против Белгија, БИХ и Германија во квалификациската група „А“ за место на Евро-шампионатот во 2023 година. Натпреварите ќе се одвиваат во три т.н. ФИБА „прозорци“. Првиот е од 11. до 14. ноември 2021 година. Вториот во периодот 24-27. ноември во 2022 година а последниот од 24. до 27. февруари во 2023 година. Победниците од 10-те групи како и четирите најдобро второпласирани ќе си обезбедат учество на завршниот турнир.
Тренерот на фудбалерите на Челзи, Томас Тухел, во последен миг се премисли и ќе го задржи во составот , Хаким Зијаш, кој претходно беше ставен на трансфер листата, објавија дел од медиумите во Англија. Германскиот стратег се определил да му даде шанса на брзоногиот фудбалер што значи дека ќе пропадне најавениот трансфер во Милан. „Росонерите“ сакаа да го ангажираат Зијаш како замена за Хакан Чалханоглу кој го напушти тимот.
Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Маркус Рашфорд, може да се врати во игра порано од очекуваното. 23-годишникот беше опериран на рамото по ЕП 2020 и се очекуваше да отсуствува најмалку два месеца. Сега весникот –„ Сан“ тврди, дека заздравувањето на играчот оди подобро од очекуваното и може да продолжи со тренинзите во наредните десет дена. Рашфорд ќе продолжи да носи специјална шина на раката. Тоа е добра вест за менаџерот, Оле Гунар Солскјер, кој најверојатно ќе го има напаѓачот на располагање за мечот со Вест Хем на 19 септември или евентуално шест денови подоцна на средбата со Астон Вила.
Манчестер Јунајтед му понуди на Пол Погба плата од 400.000 фунти неделно за да го убеди Французинот да остане на „Олд Трафорд“. Играчот од средниот ред доколку ја прифати понудата ќе стане најплатениот во редовите на „црвените ѓаволи“ пред Давид Де Геа (375.000) и Рафаел Варан (340.000). Во моментов Погба добива 290.000 фунти неделно. Според одредени шпекулации, Погба има понуда од Пари Сен Жермен според која ќе добие 510.000 фунти (600.000 евра) неделно на „Паркот на принцовите“.
Трката за ГН на Малезија во Мото шампионатот се сели во Италија и ќе се вози на патеката – „Мисано“ потврдија организаторите. Се работи за лоша ситуација со корона-вирусот и никој не сака да ризикува да организира настан во Малезија. Трката ќе се вози на 24 октомври и ќе биде претпоследна во календарот. Конечната станица за учесниците ќе биде патеката во Валенсија.
Голманот на Баерн Минхен, Мануел Ноер, кој се повреди на мечот со Борусија Дортмунд во Супер-купот на Германија, морал да го пропушти вчерашниот тренинг, стои во објавата на Баварците. „Ноер го повреди десниот скочен зглоб на мечот со Дортмунд и нема да учествува на тренинзите“ – стои во краткото соопштение без да се прецизира кога голманот ќе се врати на терените. Фудбалерите на Баерн Минхен в недела ги очекува натпреварот против Келн во рамките на новото коло во Бундес-лигата.
