Челниците на ФИФА ја преиначија првичната одлука дека фудбалерите од Јужна Америка не смеат да настапат за клубовите од Премиер-лигата во текот на викендов бидејќи играа за нивните селекции во изминатиот период. Тоа значи дека сите интернационалци од Бразил, Парагвај, Чиле и Мексико, ќе им бидат на располагање на тренерите за претстојните мечеви. Станува збор главно за играчи на Манчестер Сити, Ливерпул, Лидс, Манчестер Јунајтед, Ватфорд и Вулверхемптон.
Author: dino
Навивачите на фудбалскиот состав, Манчестер Јунајтед, со големо нетрпение го чекаат денешниот меч со Њукасл и првото појавување на теренот на Кристијано Роналдо кој по 12 години се врати на стадионот – „Олд Трафорд“. Медиумите објавија дека цените за влезниците на „црно“ се движат и до 2500 фунти што само по себе покажува каква еуфорија владее кај фановите на „црвените ѓаволи“ по доаѓањето на Португалецот. Во тој правец, се огласи и легендата ка клубот, Рио Фердинанд. „ Верувам дека ќе постигне од 25 до 30 голови во сите натпреварувања“ – изјавил Фердинанд.
Новак Ѓоковиќ успеа да го совлада Александар Зверев со 3 спрема 2 и да влезе во големото финале на Отвореното првенство на САД во тенис. Србинот кој е лидер на АТП листата, по тешка и исцрпувачка битка која траеше повеќе од 3 часа, дојде на чекор до освојување на 21-от Грен слем во кариерата. Германецот парираше одлично во првите четири сета, но, во решавачкиот немаше сили да го запре налетот на Ѓоковиќ. Финалниот меч на терените во Њујорк меѓу Ѓоковиќ и Данил Медведев од Русија ќе биде одигран утре од 22 часот.
Луис Хамилтон со болидот на Мерцедес го оствари најдоброто време на првиот неофицијален тренинг на патеката во Монца пред неделната трка во Формула 1 за Големата награда на Италија. Веднаш зад Британецот се нареди лидерот во сезоната, Макс Верстапен со Ред Бул додека трето време обезбеди вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас. Четврти и петти беа Ленс Строл и минатогодишниот победник на патеката во Монца, Пјер Гасли. Бидејќи утре ќе има спринт квалификации и тоа по втор пат во сезонава, класичниот тренинг ќе се одржи денеска во попладневните часови
Менаџерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, не крие дека има високо мислење за младиот напаѓач, Феран Торес, кој според него уште не е на нивото на ѕвездите во Премиер- лигата. „Реков дека Феран личи на Варди во движењето на теренот, но, не го споредив со него. Торес има многу леб да јаде за да се спореди со тоа што го постигна Варди“ – вели тренерот на „граѓаните“. Младиот шпански напаѓач во првите три кола успеа да даде два гола и да направи една асистенција.
Претседателот на Европската фудбалска асоцијација, Александар Чеферин, продолжува да ги критикува челниците на Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, кои не се откажуваат од идејата да се формира така неречена – Европската Супер лига. „Не ми е грижа дали Реал, Барса и Јуве ќе одлучат да ги напуштат турнирите под покровителство на УЕФА“ – изјави Чеферин. „Смешно е што сакаа да создадат нивна лига а во исто време сакаат да играат во Лигата на шампионите. Тие се обидоа да го убијат фудбалот“ – потенцираше првиот човек на УЕФА.
Голманот на фудбалскиот состав Интер, Самир Хандановиќ, кој по цели 11 години се израдува на титулата во Серија „А“ со „нероаѕурите“, вели дека неговиот тим го има потребниот квалитет иако во текот на летото си заминаа двајца значајни фудбалери – Ромелу Лукаку и Ашраф Хакими. „Ќе продолжиме со формација 3-5-2. Последните две сезони беа навистина напорни. Сега имаме победнички менталитет“ – изјави Хандановиќ за „Тутоспорт“. „На хартија, Серија А останува најтешкото првенство во светот. Има многу добри играчи“ – потенцираше капитенот на Интер.
Менаџерот на фудбалерите на Тотенхем, Нуно Еспирито Санто, беше прогласен за најдобар во месец август во Премиер-лигата. Тој во рангирањето ги остави зад него Дејвид Мојс (Вест Хем), Томас Тухел (Челзи) и Рафаел Бенитез (Евертон). Сите тројца имаат идентичен ефект по две победи и еден нерешен резултат. Санто со неговиот состав започна фуризно со сигурни три победи на исто толку мечеви. Тука влегува и триумфот против шампионот Манчестер Сити. Тотенхем утре од 13.30 го очекува мечот со Кристал Палас во рамките на 4-то коло во Премиер-конкуренцијата.
Луѓето од Баерн (Минхен) успеаа да го ангажираат 16-годишниот хрватски фудбалски талент, Ловро Звонарек, од екипата на Славен (Белупо). Бундес-тимот првично ќе плати 2 милиони евра, но, сумата може да се зголеми до пет со одредени бонуси. Тоа претствува трансфер-рекорд за Баварците кога станува збор за играч до 18 години. Звонарек во тековнава сезона ќе остане во Хрватска а на 1 јули во 2022 година ќе замине во Баварија. „Баерн е еден од најпознатите и најуспешните клубови во светот. Горд сум што ќе играм таму во иднина” – изјави Звонарек.
Тренерот на фудбалерите на Јувентус, Масимилијано Алегри, објави дека за утрешното дерби со Наполи нема да ги користи играчите од Јужна Америка кои учествуваа во квалификациите за Светското првенство „Решив да ги оставам Јужно-американците дома. Квадрадо беше единствениот што можеше да игра, но, има гастроентеритис и остана во Колумбија. Нема логика да ризикувам со фудбалерите кои ќе пристигнат на денот на натпреварот“ – вели Алегри. Натпреварот со Наполи ќе го пропуштат и повредените: Паоло Дибала, Федерико Киеза, Арон Рамзи, Артур и Хорхе.
